Бајден: САД има интерес од директни инвестиции во Србија
За време на посетата на Србија американскиот потпретседател Џозеф Бајден изјави дека „САД има интерес од директни инвестиции во Србија“, пренесуваат локални српски медиуми.
Бајден го истакнал ова на заедничката прес-конференција со српскиот премиер Александар Вучиќ.
Американскиот потпретседател истакна дека САД обезбедиле „илјадници нови работни места во Србија и нивниот број ќе се зголемува паралелно со зајакнувањето на економските односи“. Тој го поздрави отворањето на нови поглавја на Србија во преговорите за пристапување кон Европската унија, истакнувајќи дека тоа е важен чекор за земјата.
Бајден исто така, објави дека САД и Србија се подготвени за нов договор за екстрадиција. „Постојат одредени меѓународни норми кои треба да се почитуваат. Овој договор има за цел да обезбеди успешна соработка и да помогне за решавање на растечките проблеми на безбедноста. Нашите вооружени сили се борат против „Исламска држава“ и ние и помагаме на Србија да стане подобро обезбедена воено, за да биде во можност да соработува со НАТО“, објасни тој.
