„Баер“ се предомисли и реши да и продава семе и пестициди на Русија
Германскиот „Баер“ најави дека ќе продолжи да извезува основни земјоделски производи во Русија, менувајќи го својот став од март дека испораките следната година ќе зависат од тоа дали Русија ќе ги запре нападите врз Украина.
„Нашата цел е да помогнеме во спречување на можна криза во снабдувањето со храна без преседан, а пристапот до храна од Русија е клучен во овој поглед“, објави најголемиот производител на семиња и заштитни средства во светот во соопштение објавено во понеделник.
Во март, Баер ги запре сите несуштински трошоци во Русија и Белорусија и се закани дека ќе ги запре испораките на основните производи, како што се семиња и пестициди, доколку Москва продолжи со своите „неиспровоцирани напади“ врз Украина.
Пресвртот уследи по договорот потпишан од Русија, Украина, Обединетите нации и Турција на 22 јули за да се дозволи извоз на жито преку три блокирани украински пристаништа на Црното Море, забележува Ројтерс.
