Бачев најави тужба за отфрлањето на листите на НДМ
Државната изборна комисија ги разгледа и отфрли листите на Народното движење на Македонија надвор од условите определени со Изборниот законик, изјави на денешната прес-конференција претседателот на НДМ, Јанко Бачев.
Тој соопшти дека НДМ ќе поднесе тужба до Управен суд за ваквата одлука.
„ДИК со свое решение ги отфрли листите на НДМ, како што се вели во него, од причина што немаме доставено фотокопија од лични карти на кандидатите за пратеници и доказ за секој кандидат дека не е осуден со правосилна судска постапка. Со тоа ДИК поставила два дополнителни услови кои немаат правен карактер“ - рече Бачев.
Според него, поднесените листи од НДМ ги содржат сите услови определени со Изборниот законик, а никаде не е пропишана обврска за доставување на копија од лична карта и доказ за секој кандидат дека не е осуден со правосилна судска одлука. Бачев тврди дека партијата уредно до ДИК во законскиот рок од 48 часа ги доставивила сите потребни податоци.
