Економија, финансии, бизнис

Контакт

АЗМАНОВ КУПУВАШЕ ПА ПРОДАВАЛ: Ќе се дели нова дивиденда во „Реплек“, втора годинава

АЗМАНОВ КУПУВАШЕ ПА ПРОДАВАЛ: Ќе се дели нова дивиденда во „Реплек“, втора годинава

По акциoнерските смени, нов развој на настаните ја актуелизира компанијата „Реплек“. По поделбата на дивидендата за лани, пари кои веќе легнаа на сметките на сите акционери во јуни, компанијата извести дека годинава ќе подели нова дивиденда. Ќе се исплатува од акумулираната добивка за минатата година, а на секој имател на обични акции ќе му се исплатува по нето износ од 918 денари по акција, односно бруто износ од 1.020 денари по акција. Вкупно, сите акционери ќе поделат 26.438.400 денари ( 430.000 евра). Ова е предлог одлука за закажаното Собрание на акционери кое треба да се одржи на 22 септември годинава, а ако сеусвои, дивидендата ќе се дели по 7 октомври годинава.

„Последен ден на истргувани акции со право на исплата на дивиденда се утврдува на 05 октомври 2021 година, односно за прв ден на истргувани акции без право на дивиденда се утврдува 06 октомври 2021 година. Правото на акционерите за исплата на дивиденда ќе се утврди со пресек на евиденцијата во акционерска книга на ден 07 октомври 2021 година, стои во предлог одлуката.

Но на дневен ред на ова акционерско собрание е ставена и друга точка. Се менува составот на Надзорниот одбор, односно ќе бидат сменети Томовски Александар кој е претседател на одборот,  Димовски Томислав,  Аврамовски Бојан и Јоксимовиќ Анастазија. Сите ќе бидат отповикани со што на истите ќе им престане мандатот.

Дали одлуките се носат да се уважат новите акционери кои во последниот период добија поголем процент од акциите на „Реплек“. Меѓу нив и познатиот бизнисмен градежникот Зоран Азманов иако според последните податоци неговата фирма Настел повеќе не е меѓу акционерите кои имаат над пет отсто од сите акции со право на глас. Меѓу нив сега е Никола Туџаров синот на Иван Туџаров кој има 5,79 отсто од акциите, од кои повеќето ги доби како подарок од татко му кој патем си даде оставка од челната позиција на друшвото. Сестрата на Иван Туџаров, Славица Туџарова Трајковска поседува 11,57 проценти од друштвото. Ситко Антонио дооел има 6,10 отсто, додека 6,4 проценти се на Сава пензиски фонд. Двоецот односно браќата Пецовски, Душан и Владимир контролираат 17,71 процент од друштвото.

Во првиот наврат односно пролетоска раководството предложи да се дели годинава дел од добивката на друштвото како дивиденда, во нето износ од 2.153 денари по акција, а награда за раководниот тим од 13,7 милиони денари.

Висината на дивидендата тогаш беше причина за незадоволство на некои од акцинерите кои пак на Акционерското собрание не го усвоија веднаш со потребниот број гласови Извештајот за работата на Управниот и Надзорниот одбор, по што настана турбуленција во односите и висеше позицијата на првите луѓе. На продолжението на Собранието сепак по некое време извештаите беа усвоени.

„Акционерите сметаат дека во време кога компанијата остварила 25 отсто раст не требало да има намалување на дивидендата во однос на претходната 2019 година.

Првичното незадоволство резултираше со одлука за неприфаќање на работата на Управниот и на Надзорниот одбор. Не се согласуваме со нивните предлог одлуки во однос на дивидендата, но и кондицијата на друштвото во однос на задолженоста но и нетранспарентноста која се провлекува. Во година кога компанијата расте 25 отсто дивидендата се намалува од 61 евро по акција во 2019 на 35 евра по акција за 2020 година. Инаку друштвото има раст на долгорочните обврски од 150 отсто, без конкретен инвестициски и бизнис план, тврдеше еден од најкрупните акционери тогаш.

Сепак до сега се случија низа други настани меѓу кои и апетите на Азманов да преземе поголем дел од компанијата. Тој за Фактор тврдеше дека ќе преземе 25 отсто од Реплек, иако сега од увидот на акционерите со над пет отсто станува јасно дека тој го намалил учеството. Во јули тој соопшти дека преку Настел купи 5,79 отсто од друштвото и поседува 1.543 обични акции во Реплек. Количината која ја има Интекс и лично Азманов тој не ја откри. Зошто сега продавал не е обелоденето.

А.Т.


Слично

Поврзани вести