АЗЕСКИ ВО ПОСЕТА НА ДИХК ВО БЕРЛИН
Претседателот на СКСМ Бранко Азески и претседателот на Советот за унапредување на индустриското производство и за извоз при Комората, Виктор Мизо, се во дводневна, интензивна бизнис-активност во Германија. Денеска (4.11.2022 г.), во седиштето на Асоцијацијата на германски стопански и индустриски комори (ДИХК), Азески и Мизо ќе имаат средба со раководството на ДИХК. Во текот на денот ќе се реализираат средби и со постојните германски инвеститори во Македонија за продлабочување на соработката, а ќе остварат контакти и со нови потенцијални инвеститори.
ДИХК, формирана пред 150 години, во 1872 година, претставува централна организација која обединува 79 локални стопански и индустриски комори (Industrie- und Handelskammern, IHKs) низ цела Германија.
Седиштето е во Берлин, од каде што успешно координира мрежа на повеќе од 140 стопански комори, делегации и претставништва на германското стопанство во 92 земји во светот:
· Европа – 36 земји,
· Азија – 20 земји,
· Блискиот Исток/Северна Африка – 10 земји,
· Северна Америка – 7 претставништва,
· Африка – 7 земји,
· Јужна и Централна Америка – 21 земја.
ДИХК има своја канцеларија во Брисел повеќе од 60 години (oд 1961 година) за да ги застапува интересите на германските компании. Од 2004 година е лоцирана на едно место, преку европската чадор-организација Eurochambres во „Куќата на европските комори“ во Брисел, со цел зајакнување на соработката со европските партнери.Главните задачи на коморите се унапредување на надворешната трговија, стручно оспособување, регионален економски развој и општи услуги за своите членки. Членството во Комората е задолжително, што значи дека сите компании регистрирани во Германија, со исклучок на занаетчиите, слободните професии и на фармерите, со закон за стопански комори -IHK-Gesetz од 1956 година се обврзани да се приклучат во Комората. ДИХК има повеќе од три милиони членки, меѓу кои членки се не само големи компании, туку и трговци на мало и угостители.

Синоќа, на маргините на Самитот на ЕУ и Западен Балкан, Азески и Мизо организираа вечера со раководството на КОСТАЛ (светски лидер во производство на мехатроника и на енергетска електроника за премиум автомобилски брендови со 20.000 вработени и со годишен обрт од три милијарди евра). На вечерата присуствуваше и делегација од Владата на РСМ, предводена од премиерот Димитар Ковачевски. На средбата се разговараше за состојбите во постојната инвестиција на КОСТАЛ во Охрид од околу сто милиони евра и за идните планови за проширување и за диверзификација на активностите во Македонија.
