Азески: Повеќе нема да испратиме наш човек во Владата
Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Македонија во емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77 вели дека никогаш повеќе нема да испратат свој бизнисмен кој би бил функционер во Владата.
– Имавме трипати такво искуство, со Хари Костов, Минчо Јорданов и Кочо Анѓушев и сите завршија лошо со страшни конфликти за прогресивниот данок, буџетите… Внесовме некои бизнис логики, размислувања и насоки кои во наредниот период се надеваме дека ќе се преточат во владините проекции и политики, но нема шанси повторно да прифатиме покана за учество во владата – најави првиот човек на најголемата стопанска комора во земјата.
Азески додаде дека бизнисот треба да биде на бизнисмените, а политиката на политичарите, кои треба да создадат крстопат од земјата и така да и овозможат непречен развој.
– Крстосница на патишта, само тоа е нашата стратешка предност. Да изградиме две пруги, два автопати, два гасовода, два нафтовода, да бидеме крстопат на транзитни коридори. Турците ни градеа до Солун, Србите железница до Битола, Бугарите до Кочани, ние почнавме до Крива Паланка и застанавме, не сме изградиле ништо. Ќе го решиме спорот ако со Бугарија градиме патишта, правиме бизнис, разговараме за проекти, инвестиции, а не за Гоце Делчев и Самоил – рече Азески.
Тој вели дека комората е против зголемувањето на минималната плата од страна на владата и против тоа недела да биде неработен ден со закон.
– Минималецот може да биде и 30.000 денари ако се базира на зголемена продуктивност, а не на владин декрет што е против сите пазарни и бизнис логики. Истото тоа важи и за недела неработен ден. Ако се биде по закон со платени дневници, прекувремено зошто кој сака да не работи. Треба ли Охрид како туристички центар да се затвори за викенд – смета Азески.
