АЗЕСКИ И ПЕЦАКОВ - САМО ЗА ЕКОНОМИЈАТА И ЗА ТУРИЗМОТ
Денеска во Охрид се оствари средба на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, и на градоначалникот на градот Охрид, Кирил Пецаков. На средбата, на која претседателот Азески му го честиташе изборот за нов градоначалник на Охрид и му посака успех во неговата работа, се разговараше и за прашањата поврзани со децентрализацијата, со потенцијалите за заеднички проектни активности во рамките на програмите на ЕУ, како и со Коморскиот инвестициски форум и со другите меѓународни организации. Охрид, како најголем туристички центар, има одлична соработка со Здружението на угостителството и туризмот при СКСМ и затоа ќе се вложат дополнителни напори за продлабочување на соработката во оваа област. Туризмот, во заложбите на Комората, има приоритетно место за добивање статус на извозно-ориентирана дејност, со што конкретно ќе се смени и односот на државата кон гранката која има потенцијал да направи раст.
Во тој контекст, посебно се разговараше за здравствениот, алтернативниот и за спортскиот туризам, кои не можат да достигнат повисоко ниво доколку не дојде до брза реализација на инфраструктурните проекти, како што е завршувањето на изградбата на автопатското решение Кичево – Охрид и на меѓународниот магистрален пат Охрид – албанска граница.
Здравствениот туризам, како гранка со која Охрид можеше да биде горд во седумдесеттите години на минатиот век, со неколку специјализирани болници, сконцентрирани на едно место, е нешто на кое треба да се работи во наредниот период, затоа што тоа, реално, може да придонесе за повеќекратни ефекти, и од здравствен и од економски аспект – заклучија Азески и Пецаков.
Во рамките на постојаните залагања за афирмирање на занаетите и за унапредување на практичните знаења и активности во рамките на средното стручно образование кај нас, претседателот Азески потсети на иницијативата за афирмирање на Длабокорезбарската школа во Охрид, која за градот може да донесе дополнителна економска придобивка, а истовремено да биде и значајна туристичка атракција.
На средбата се разговараше и за можностите за привлекување нови странски инвестиции во регионот, како и за одржување на постојните, во насока на поголема економска активност и на поголем број нови вработувања, што е дел и од активностите на Советот на странски инвеститори, кој функционира во рамките на Комората.

