Економија, финансии, бизнис

Контакт

Азески бара итни антикризни мерки за засилување на извозот!

Азески бара итни антикризни мерки за засилување на извозот!
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески смета дека светската економска криза ќе продолжи и во наредната година. Единствениот начин да и се спротивставиме e само со зголемување на извозот за што постои консензус меѓу сите економски чинители и креатори на економската политика. За таа цел, потребни се нови законски решенија за поддршка на македонските производни извозно ориентирани компании, вели Азески.. Смета дека бизнисот и Владата, заедно како партнери ќе најдат решение за проблемите. Тој бара нов закон за инвестициски активности  во производните извозно ориентирани компании со што, како што рече, ќе се помогне тие да направат свртување во структурата на БДП, во која производните дејности имаат мал дел. - За постигнување на оваа цел потребно ни е да се донесат три нови закони што ќе ја регулираат оваа сфера на извозот на подобар начин од постојниот. Не претендираме дека тоа е најдобро решение, но тоа е решение кое ќе го понудиме во разговорите со сите релевантни партнери во Македонија, чинители на економската поликата, смета Азески. Тој го реафирмираше и барањето да се формира гарантен фонд на Република Македонија за економски развој со оснивачки влог од 60 милиони евра со кој ќе се помогнат извозните компании и тоа за обезбедување на нивните кредити пред домашните банки, како и во делот на обезбедувањето на 50 процентно учество во користењето на средствата од европските фондови, проблем со кој се соочуваат поголемиот дел од компаниите. Азески смета дека сето тоа ќе предизвика сериозни промени во структурата на Македонската банка за поддршка на развојот која треба да биде институција и инструмент преку кој треба да заживеат овие  барања. - Ќе одиме со предлог Македонската банка, по угледот на банките на опкружувањето кои постигнале подобри резултати на тој план, да се реформира и да се стави во целосна функција на зголемување на капацитетот на извозните компании во Македонија, истакна Азески. Учеството на извозот во БДП е околу 42 проценти, а Македонија бележи  постојан трговски дефицит. Од почетокот на годината досега извозот падна за повеќе од 10 проценти, под влијание, пред се на европската должничка криза. Дека работите не одат на добро покажа и денеска статистиката која  мери континуран пад на работниците во индустријата. Последните податоци покажуваат дека во септември во индустријата работеле  4,7 % помалку работници отколку истиот период лани. Според главните групи најголем пад на работници во истиот мерен период статистика регистрира кај капиталните производи и тоа од 11,3 %, трајните од -9,2 %. Додека во подгрупите  скоро преполовен број на работници има кај производството на тутунски производи од 41,3 % и кај поправка и инсталирање на машинска опрема од 45.8 %. Пораст од 0,5 % е регистриран во секторот Рударство и вадење на камен, Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 1.7%.
Слично

Поврзани вести