Автопатот „Кичево - Охрид“ ќе се финансира од лотарија и од пренос на струја, „Државни патишта“ станува новата „Пошта“ и „Железници“
Јавното претпријатие „Државни патишта“ од добростоечко, преминува во рангот на оние државни друштва како АД Пошта, Водостопанство и Македонски железници - Транспорт кои загубите во работењето ги надополнуваат со позајмици од други места.
За да го доплати автопатот Кичево - Охрид, на седница на Владата на 14 јули биле донесени одобрувања „Државни патишта“ да добие позајмици од „Македонски навигации“, АД Државна лотарија и операторот за пренос на електрична енергија МЕПСО, друштва кои редовно остваруваат високи добивки во работењето.
Тоа вчера го потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој не спомена за колкава сума се работи. Единствено преку медиумите беше објавена сумата на контролата за летање „М-Нав“, кој треба да му позајми 7 милиони евра на ЈПДП.
„Не се само од МНАВ, таму имаме средства и од Лотарија, МЕПСО и сопствени средства на ЈПДП. Средствата ќе бидат искористени за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите и истите тие средства во август ќе им бидат вратени на компаниите“, рече Мицкоски.
Инаку на почетокот на април беше кажано дека потребните 175 милиони евра за продолжување на финансирањето на автопатот Кичево - Охрид се обезбедени од Комерцијална банка, Стопанска банка – Скопје, НЛБ банка, Шпаркасе банка и Халк банка. Некои од долговите на ЈПДП со позајмица ги исплаќаше и самото Министерство за финансии како гарантор на кредитирањето. Затоа овој последен потег на власта со позајмиците ја изненади јавноста.
Ваквите потези се неочекувани ако се знае дека „Државни патишта“ остварува секоја година високи приходи од наплата на патарини, добива дел од сумите за регистрација на возила и дел од акцизите од продажбата на горива, како и средства од други услуги.
Кога станува збор за позајмиците, Пошта“, „Водостопанство“ и „МЖ Транспорт“ веќе му должат на „МЕПСО“ над 9 милиони евра – пари кои државниот преносен систем им ги позајмила за да исплатат плати. Ова беше потврдено во извештајот за работењето на акционерското друштво за 2025, но и на брифинг со новинарите. Враќањето на позајмиците било неколку пати одложувано.
За Државна лотарија, која се финансира од електронската платформа „Мегавин“ и од соработката со АД Видеолотарија со издавање на влт-апарати, нема јавен податок подолго време за дадени заеми на други места. Во 2024 „позајмиле“ 2 милиони евра за ЈП за стопанисување со пасишта, „Национални шуми“ и за ЈП Железничка инфраструктура, како јавен податок објавен од владата.
За М-НАВ, контролно тело кое што своите приходи ги обезбедува од прелети, не постои јавен податок дали досега има дадено позајмица за друго претпријатие кое има потешкотии во работењето.
А.К.
