АВТОПАТИ: Кинезите дојдоа да профитираат, а не да помогнат на земјава!
Дел од политичките бомби што ги објави СДСМ, а кои се поврзани со договорот со кинеската компанија “Синнохидро”, отвораат сомнеж како е склучен договорот и дали во целата постапка се заштитени домашните подизведувачи, укажуваат дел од експертите за патна инфраструктура. Според експертите дополнителен сомнеж создава тоа што не е траспарентно објавен договорот за изградба на автопатите на исток и на запад, за да се направи споредба дали парите предвидени за изградба соодвествуваат со предвидените градежни работи. За да се расчистат дилемите треба транспарентно да се објави договорот и да се формира специјален експертски тим кој ќе направи детална анализа, која што ќе покаже дали сумите што ги договорила Владата со кинеската “Синохидро” за изградба на двата автопати, се реални, посочуваат експертите за патна инфраструктура.
-Цените што беа објавени на страницата на кинеската компанија а кои потоа беа отстранети се нереални цени и не би сакал да ги коментирам, тие се дадени онака од ракав. Она што го слушавме за цените за кои се договорени да се прават автопатите, таа цена од пет до шест милиони евра по километар е донекаде нормална цена за автопати. Но водењето на целата процедура на преговори дава сомнеж за сомнителна зделка, ако веќе така се договарале во четери очи, а не со транспарентност на фирмите. Не ја имаме документацијата на увид за да коментираме околу сумите, треба да се знае која варијанта е избрана и на какви терени се работи, колку објекти се предвидени, затоа што секоја измена на варијанти во себе крие можност за манипулации. Во моментов ние немаме на увид која варијанта се работи на која делница и цените не можат да се дадат во однос на километар на автопат затоа што многу важна улога игра и геолошката структура на самиот терен, какви објекти се градат итн.
Ова што сега се обвинуваат опозицијата со позицијата без увид во документацијата, ние како експерти не можеме да кажеме дали е висока или ниска цената. Но сомнежот е зошто документацијата не е дадена на увид. Ако се објави транспарентно тогаш можеме да кажеме што се случува и да ги споредиме сумите и со другите патишта. Не би требало да се доведе во прашање реализацијата на овој крупен проект, оти тоа ќе биде катастрофа за Македонија. Моја препорака сега што треба да се направи, е да се оформи еден силен експертски тим и тој да има увид во таа документација и додека е уште првата фаза, за да не дојде до раскинување на договорот, и врз база на експертската анализа точно да се каже како стојат работите, вели универзитетскиот професор Вулнет Палоши.
За реализацијата на проектот Владата зема кредит од 580 милиони евра од кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и 2 % каматна стапка.Владта со пари од буџетот уествува со 10 отсто. Договорот со кинеската Синохидро се реализираше преку посебен Закон што во 2013 -та година го изгласа Собранието. Автопатот Скопје – Свети николе – Штип чини 206 милиони евра, а автопатот на делницата Кичево-Охрид е вреден 374 милиони евра. Во договорт има и одредба со која се предвидени десет проценти за дополнителни непредвидени работи. Автопатот Скопје-Штип треба да биде во должина од 53 километри со широчина од 29 метри со по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на автопатот е три години. Автопатот кој ќе се гради на делницата Кичево-Охрид, е во должина од 56,7 километри, ширина од 27,5 метри и треба да биде изграден за 45 месеци.
Половина од компаниите произведувачи кои учествуваат во изградбата на делниците се македонски, а 51 отсто од материјалите за градба се од Кина. На терен градежните работи на автопатите се одвиваат без прекин, но објавувањето на прислушуваните разговори од страна на СДСМ и фактот што не може да се најдат детални податоци за сите реализирани проекти на компанијата “Синохидро”, создаваат неизвесност, коментираат за Фактор дел од македонските подизведувачи кои сакаат да останат анонимни. Според професорот Палоши најважно е домашните подизведувачи да бидат заштитетни, и токму затоа е потребна анализа на договорот од страна на специјален експертски тим.
-Тоа треба да се направи што поскоро пред да се завршат овие автопатски делници, да се спаси што може да се спаси за да не пропаднат овие фирми подизведувачи што работат со кинеската корпорација, a нe на крај тоа да го платат граѓаните на Македонија преку владините пари што ќе се дадат, но најважно е да не ни пропаднат фирмите што работат со нив. Владата треба подитно да формира експертски тим и од него да се исклучат тие што учествувале во оваа работа а кои не се од оваа област, бидејќи тука е најголемата грешка, и во тимот да се вклучат луѓе што имаат искуство во оваа област , во договорите, во проектите и во изведувањето, вели универзитетскиот професор Палоши.
Во октомври 2013-та година кога се носеше законот за договорот за изградба на автопатите, пратениците од опозицијата се изјаснија дека ќе гласаат за законот и оти генерално даваат поддршка за изградбата на патиштата, но ги критикуваа цените за изградба на километар автопат и според нив, поволностите дадени за компаниите кои ќе ги градат. Обвинија за можности за корупција во целиот проект, и оти Владата неколкупати нелогично го зголемила износот на инвестицијата за автопатиштата. Тврдеа дека во краток период, имало нелогично зголемување на цените за изградбата.
Што се крие зад големите кинески корпорации?
Експертите укажуваат дека ваквите големи кинески корпорации вообичаено таргетираат мали земји кои немаат големо искуство со работа со такви корпорации кои велгуваат во земјите за да заработат а не да губат или да и помогаат на државата. Кинезите ги користат земјите од регионот за влез во Европа, и тоа се случува не само преку Македонија туку и преку другите земји од Балканот.
-Тие влегуваат да заработуваат, а не да губат или пак да и помагаат на државата. Македонија до пред извесен период многу добро стоеше на скалите за инвестиции во нискоградбата и цело време добивавме и странски кредити и тоа по поволни услови. Тие 10 милјарди евра што Кина ги троши во регинот е една друга логика на геостратешки влез на Кина во Европа, и тоа влез преку помалите држави и кои немаат искуство во вакви преговори. Но тука треба да бидеме претпазливи и да видиме на крај што ќе добиеме од оваа работа.Истите работи се случуваат и во Косово со овие фирми кои сега ги земаат работите и ги тераат внатрешните компании да работата по ниски цени.Мислам и дека и кај нас не е далеку тоа да се случи со фирмите подизведувачи кои влегле со кинезите да работат, ќе дојдат во една многу тешка состојба, затоа што кинезите освен продажба на пари, они сега и заработуваат со уценувачко ангажирање на внатрешните фирми со цените кои они ги диктираат и тие 50 проценти што треба да сработат македонските фирми мислам дека ќе дојдат во тешка состојба да не можат да ги продолжат работите, оти ќе ги уценуваат со разни случувања на терен или со разни барања. Македонија е многу мала држава за да може да се одбрани од оваа експанзија на надворешните фирми и оваа експанзија е геостратешка кон Балканот. Кинезите и сите тие големи корпорација во документацијата можат да најдат разни пропусти и врз основа на тие пропустите да ја уценуваат не само државата туку и подизведувачите што работат за нив. Тука мислам на тоа дека ги тераат да работат на тешки терени за ниски цени , ќе направат една страшна контрола кон количините и работит, динамиката на извршување на работи и ќе применуваат казнени одредби кон фирмите што веројатно потпишале и договори со нив. Таму се кријат многу непознаници во тие нивни договори . Моето мислење е дека на крај можеби ќе го добиеме патот, но скапо ќе го платиме, објаснува универзитетскиот професор Палоши.
Досегашните искуства со работа со вакви корпорации скапо ги чинело домашните изведувачи во некои од земјите каде што влегле кинеските фирми со инвестиции.
-Секаде овие концесионерски фирми т.н лихварски фирми кои ги пратат овие инвестиции во цел свет, смислено се подготвени да влезат во земји во транзиција односно во држави кои немаат искуство во овие работи и тука тие најмногу заработуваат. Тие освен што обезбедуваат и продаваат пари, тие се и финансиски корпорации, заработуваат и на договорите бидејќи се многу подготвени имаат силни тимови и на крај заработуваат и на тој начин што државата и фирмите скапо ќе го платат тоа. Тие фирми се подготвени да одат само во тие земји кои не се сподготвени да ги пратат во овие работи и тоа се случува подолг период, тоа не е од сега . Вакви фирми во светот потојат уште пред 20 години. Скапата цена со ваквите концесионери први ја платија Хрватска, Унгарија, Чешка, Полска итн. Оние држави кои беа подобри во техничка смисла, тие го платија тоа и веќе бегаат од такви договори, и затоа овие тн. концесионерски фирми ги таргетираат неискусните држави во оваа сфера.Вакви работи се случија и во Албанија и во Косово, таму излегуваа чудни цени по километар, истото се случи и во Србија, вели универзитетскиот професор Палоши.
Сајтот на “Синохидро” сеуште недостапен
Веб страната на кинеската компанија сеуште е недостапна, но медиумите веќе објавија дека постојат огромни разлики во сумите за автопатиштата Кичево - Охрид и Миладиновци - Штип што ги објавува „Синохидро“ и Владата. Додека беше достапен, можеше да се забележи дека сумите објавени на сајтот беа за околу седум пати пониски од оние кои ги договорила Владата. Иако пред сајтот да стане недостапен, сумите на чинење на автопатиштата беа извадени, сепак тие можат да се најдат во меморијата на пребарувачот “Гугл “. Синохидро важи за компанија која реализира крупни градежни проекти низ цел свет, особено во Африка, Азија, Европа и Јужна Америка. Компанијата директно изведува или учествува во проектирање на хидроцентрали, брани, патишта, аеродроми, пристаништа, згради. Но од друга покрај бројните проекти важи и за комапнија која ја пратат низа контроверзии. Според пишувањата на странските медиуми, “кинезите се омилени инвеститори на корумпирани владини функционери затоа што нивните инвестиции доаѓаат со многу малку услови за теми како етика, еколошка заштита, корупција, владеење на правото“ изјави за „Зимбабве индипендент“ во февруари годинава економскиот експерт Максвел Саунгвеме. Лани како што пренесуваат странските медиуми за бизнис зделка во Пакистан, кинеската Синохидро била под суспензија од Светска банка поради соомнеж за корупција.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во дел од политичките бомби објави прислушувани телфонски разговори меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанкиески, кои како што тврди докажуваат дека Владата договорила провизија со кинеска компанија “Синохидро” во вредност од нешто повеќе од 25 милиони евра. Владејачката ВМРО ДПМНЕ ги отфрли обвинувањата. Деновиве вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски изјави дека целиот процес за избор на компанијата за изградба на двете делници се одвивал на највисоко професионално ниво.
Т.С
Слично
