Економија, финансии, бизнис

Контакт

АВТОМОБИЛИТЕ СЕ ПРОДАДОА КАКО АЛВА, АМА „СТАНОВИТЕ НА ГРУЈО“ И ПОНАТАМУ ВО ЗАЛИХА – еве што продаваше Агенцијата за одземен имот

АВТОМОБИЛИТЕ СЕ ПРОДАДОА КАКО АЛВА, АМА „СТАНОВИТЕ НА ГРУЈО“ И ПОНАТАМУ ВО ЗАЛИХА – еве што продаваше Агенцијата за одземен имот

Последната аукција на Агенцијата за одземен имот судејќи според цените на возилата кои ги продавале може да се заклучи дека се одвивала според планот, па и подобро. Од податоците објавени на нивната веб страна, на продажба биле ставени вкупно девет возила, поточно осум возила и една полуприколка. Со оглед на фактот дека за сите нив е понудена повисока цена од почетната, очекувано е дека овие предмети кои ги поседувала Агенцијата се продадени.

Меѓу овие подвижни предмети, на аукција бил понуден автомобил од марката „Ауди А4“, кое судејќи според фотографиите одамна стои на некој паркинг и фаќа прашина, но сепак, имало бројни понуди за негово купување. Па така од почетната 649.300 денари, крајна цена која е достигната за него е 681.300 денари.

Слична сума била понудена и за автомобил „MERCEDES-BENZ E250“, но кај него имало само една понуда и затоа почетната е и крајна цена и изнесувала 630 илјади денари.

Меѓу автомобилите кои се продавале имало и „VOLKSVAGEN PASSAT 2.0“ чија цена достигнала 152 илјади денари. За него исто така имало бројни понуди, а почетна цена била 105 илјади денари.

На продажба било уште едно возило од марката Ауди и неговата цена достигнала 37 илјади денари.

Меѓу запленетите возила било и комбе „ПМВ MERCEDES-BENZ SPRINTER“ чија последна понуда достигнала вредност од 158 илјади денари. Се продавал и камион „ТМВ MERCEDES PL113 42“ чија цена вртоглаво пораснала од почетните 48 илјади денари, бидејќи крајната понуда за него достигнала дури 260 илјади денари. На оваа продажба се најде и автобус чија прва цена била 811.800 денари, а финална 814.800 денари. Единствено за полуприколката не пристигнала ниту една понуда.

Од друга страна, нема понуди ниту за купување на становите кои ги продава Агенцијата, и кои во јавноста се познати како становите на поранешниот премиер Никола Груевски.

Овие станови сместени на Водно, Обвинителството ги третираше како скриен имот на поранешниот избеган премиер Никола Груевски, и беа одземени со пресудата за случајот „Плацеви на Водно“. Ова е втор обид на Агенцијата за нивна продажба. 

Станува збор за три стана на Водно, со вкупна површина од 750 квадратни метри. Првично становите беа проценети на вкупна вредност 2,4 милиони евра, а сега нивната цена се намали на 1.843.000 евра.  (линк Фактор)

Апартманите како што може да се види од фотографиите објавени на веб страната на Агенцијата имаат огромните балкони, со неверојатен поглед кон Скопје. 

Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Во предметот, Груевски, покрај за нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.

П.О.

Слично

Поврзани вести