АВТОГОЛ НА МПЦ: Наместо до верниците, се приближија до нивните паричници!?
“Иако сме верници и сакаме да ги испочитуваме верата и традицијата, новиот ценовник на црквата за нас обичните граѓани е и нов ценовен шок за и онака тенкиот семеен буџет” - вака дел од граѓаните ги оценуваат новите повисоки цени за верските обреди од тарифникот на МПЦ. Велат платите се ниски, а паричникот се попразен, па двапати ќе размислат дали покрај граѓанскиот да склучат и црковен брак.
“Во август треба да направиме свадба. Ова е за нас најубавиот момент од животот, но за жал јас немам стабилна работа, мојот свршеник е со ниска плата. Навистина незнам како ќе успееме да ги покриеме сите трошоци, па сега и ова поскапување за венчавка во црква.Небитно ми е дали ќе бидат еден или двајца свештеници, битно ми е пред бога да си дадеме завет, но сепак цените и досега беа скапи, ама сега претерано. Со кои пари се прашувам? Дополнително плативме дел од трошокот за во ресторан бидејќи инаку неможете да најдете место. Незнам, навистина незнам, во дилема сум дали ќе се венчаваме во црква” -вели идната невеста Дијана.Н од скопска Кисела Вода.
Граѓаните реагираат и на изјавите на дел од свештениците дека новото поскапување на црковните услуги се должи на поголемиот животен стандард. Доказ за тоа велат е се поголемиот број на сиромашни луѓе кои бараат помош во црквите и народните кујни.
“Се качуваат цените на венчавките, крштевките, погребите. Да се плаши човек и за најубаво и за најлошо. Ако немаат како да ги подмират трошоците нека се откажат од скапиот возен парк на црковните лица,џиповите, некој имот на пример. Можеби со тој чекор ќе ги убедат граѓаните во своите намери”-реагира пензионерката Петра.С.
Со новиот тарифник за наплаќање на услугите на црквата, според експертите, постои опасност верниците да почнат да се оддалечуваат од храмовите, но и од целата религија. Според социологот на религија, Зоран Матевски, треба да се искористат искуствата од другите земји за константно финансирање на црквите, бидејќи ова е навистина сензитивно прашање за кое треба трајно решение.
“Од една страна црквата се финансира и има приход единствено од верниците, а од друга страна зголемувањето на цените во тарифникот за верски обреди носат опасност да се изгуби довербата и оној линк со верниците. Сметам дека треба да се искористат искуствата од другите православни држави, а слични примери има и во католичкиот свет. Бидејќи црквата нема пари од државата најдобар начин е граѓаните доброволно, оние кои сакаат и кои се декларираат како верници да издвојуваат дел односно процент од својата плата во делот на социјално и пензиско осигурување на доброволна основа. Овие средства да бидат префрлани на сметка на црквата, а граѓаните да бидат ослободени од плаќање на сите верски обреди” -вели професорот Матевски.
На овој начин вели тој, ќе се најде трајно решение на проблемот, ќе се воспостави ред во регулирање на верските услуги, а и во подигнување на културата на однесување на верниците особено во навиките да оставаат пари пред иконите и буквално да ги прекриваат нивните ликови.
Со сличен став е и актуелната претседателка на Комисијата за верски заедници, Валентина Божиновска. И таа потенцира дека состојбата е многу деликатна и сензитивна, па оттука е потребно итно да се седне на заедничка маса и да се најде трајно решение на проблемот кој ја разбранува јавноста. Според неа, мора да се најде соодветен модел на делување и финансирање на црквата со кој верникот би бил ослободен од давачките доколку одвојува дел од своите приходи на име на средства за верски обреди и слично.
“Мора да се најде решение како да се задржат верниците, а не да се изолираат или оддалечат. Странските искуства покажуваат дека државата може да се вклучи во активно партиципирање за да се регулира ова прашање. Со тоа граѓаните ќе издвојуваат со закон регулиран износ за верската заедница на која припаѓа но за сметка за тоа ќе биде ослободен од давачки за верски обрад како крштевка, венчавање и сл. Сличен модел се применува во исламската заедница и овие верници плаќаат на почетокот на годината одредена сума на пари како давачка или партиципација со која се подмируваат трошоците” - нагласува Божиновска.
Црквата мора да бара нови современи методи за одржување на финансиска кондиција!
Според поранешниот претседател на Комисијата за верски заедници, професорот Цане Мојановски црквата мора да има начин како да се финансира бидејќи нема свои постојани извори на приход, нема своја економија и најлесно е да се финансира преку наплата на услугите за секој верски обред со кои ќе ги покрие режиските трошоци и платите за луѓето кои работат во црквата.
„Минималното месечно учество за верските заедници може да обезбеди сигурен прилив на средства за црквата од една страна и подмирени услуги за верниците од друга. Се почесто се градат верски објекти, а за нивното одржување се потребни пари. Како за споредба од 2002 година во Шведска граѓаните плаќале дел од данокот за верските заедници, а државата пак им гарантира гробно место и верски обред. Во земјите со мнозинство на католички верници се плаќа месечен данок за црквата по неколку евра”- вели професорот Мојановски.
Одлуката за поскапување на цените според него во моментов е можеби погрешна проценка или немање на стратегија како црквата економски да се зајакне. Дополнително дискутабилно прашање е дали ова е погоден момент и како новите повисоки цени ќе се одразат на стандардот на граѓаните.
“Потегот не е во духот на времето, не зборуваме дали е економски оправдан или не. Мора да се има предвид и да се напомене дека моменталната социјална состојба е тешка” -додава професорот Цане Мојаноски.
Свештенство: Ни го земаат гревот!
Со новиот тарифник венчавката во црква е поскапа за две илјади денари и сега чини 6.000 илјади денари со еден свештеник и 7.000 илјади со тројца свештеници. Крштевката наместо 3.000 илјади, сега таа чини 4.000 илјади денари, а цената на погребот изнесува 3.000 денари.
Според свештенството само дел од овие пари одат за свештениците, а поголемиот дел остануваат во црквата за подмирување на трошоците. Отец Благоја од црквата “Св. Петка” вели дека токму во овој момент не е добро да се актуелизираат овие прашања во пресрет на најголемиот христијански празник- Велигден.
“Не треба да се користи овој период пред пости кога сите се насочени кон молитви и велигденски служби за престојниот пост. Иако постојано се зборува дека поскапувањето е само во Скопје, заради илустрација, во Битолската епархија со еден свештеник венчавката е 7 000 денари, а во Скопската е таа сума со тројца свештеници од кои само дел одат за нив а останатите се за црквата. Ни го земаат гревот. Свештениците немаат одредена плата и затоа верскиот обред мора да се регулира со тарифа, но кога се работи за социјален случај никогаш не сме наплатиле и излегуваме во пресрет” -вели отец Благоја.
Таксеникот за верски обреди и новите повисоки цени, според него, не се новина иако последниве неколку дена се актуелизираа во јавноста. Истиот е донесен на 1-ви февруари пред почетокот на постите. За актуелните прашања меѓу кои и новите цени за верски обреди се очекува да заседава Црковниот суд.
Слично
