Автобусите нема да може да ги превезат сите кога автомобилите ќе се исклучат од сообраќај
Јавниот градски превоз нема капацитет да ги превезе сите патници чии автомобили ќе останат заглавени на паркинг кога ќе стапи во сила мерката за забрана на движење на возилата со жолта и црвена налепница, велат сопствениците на автобуси за Алфа ТВ.
Од Зружението на приватни превозници велат дека ако власта ја имплементира оваа мерка, чија цел е намалување на загадувањето во главниот град, единствено што ќе се постигне е хаос во автобусите и колапс на сообраќајот.
Мерката е избрзана и нема да ги даде очекуваните резултати. Владата мора да најде суштинско решение за проблемот. Сообраќајот само делумно учествува во аерозагадувањето - велат од „Слобода превоз“ за Алфа ТВ.
Инаку, штом помине предлог законот во Собрание, возачите ќе треба да почнат на сопствен трошок да ги обележат автомобилите со црвена, жолта или зелена налепница во зависност од еколошкиот стандард на моторот. За оние кои нема да ја почитуваат мерката ќе следат парични казни од 300 до 1000 евра.
Со мерката ќе бидат опфатени и сите такси-возила, а бидејќи и кај нив има мошне стари автомобили, се верува дека во деновите на голема загаденост ќе бидат исклучени поголемиот дел од нив.
