Австриските компании со оптимизам, но и критики за македонската економија
Подобрување на инфраструктурата, намалување на бирократијата и борбата против корупцијата бараат австриските инвеститори во Македонија. Нивниот оптимизам е зголемен во однос на лани, а уште пооптимистични се во поглед на 2015 година, но имаат и сериозни забелешки, покажа истражувањето на бизнис климата меѓу австриските компании кои работат во Македонија, што го спроведе Трговското одделение при Австриската Амбасада.
„Во 2014 спроведовме анкета за бизнис климата во Македонија, по втор пат. Во споредба со резултатите од лани, австриските компании се за нијанса пооптимистични за 2014 и уште поомтимистични за 2015 година. Половина од компаниите очекуваат поголем промет и планираат нови вработувања и зголемување на инвестициите. Сепак, постојат и бројни предизвици“, вели Герхард Шлатл, шеф на Трговското одделение при Австриската амбасада во Скопје.
Најголемите разлики во очекувањата на австриските компании и она што го затекнуваат во земјава се јавуваат во областите како платежен морал, борбата против корупцијата и напредокот во ЕУ интеграциите. Истовремено, задоволни се од човечките ресурси, од локалните добавувачи, од процедурите за добивање на дозвола и од царинскиот систем.
На прашањето како ја оценувате моменталната економска состојба, 39 отсто до анкетираните одговориле задоволителна, 36 отсто незадоволителна, а 23 отсто добра, што е благо подобрување од лани. На прашањето како ја предвидуваат економската состојба во Македонија во 2015 година, 55 отсто до испитаниците одговориле иста како и 2014 година, а 40 отсто очекуваат подобра година.
За 2015 година, 60 % од австриските компании очекуваат раст на прометот, нови вработувања и зголемување на инвестициите. Целна група на истражувањето биле менаџерите на австриските компании во Македонија, а стапката на одговор на анкетата изнесувала 28%.
Австрија е еден од најголемите инвеститори во Македонија и се наоѓа на третото место по Холандија и Грција. Во земјава работат над 45 компании со австриски капитал, а вкупниот износ на австриските директни инвестиции во земјава изнесува 437 милиони евра до крајот на вториот квартал на 2014 година, покажуваат податоците на НБРМ.
Слично
