Економија, финансии, бизнис

Контакт

Австрија: Не треба да дозволиме држава како Македонија да е оставена на волја на судбината

Австрија: Не треба да дозволиме држава како Македонија да е оставена на волја на судбината

Неопходна е поефикасна заштита на надворешните граници на Европската унија. Потребно е трајно да бидат затворени сите миграциoни правци и да почне враќањето на мигрантите кои немаат право на престој.

Ова го изјави австрискиот министер за одбрана Ханс Петер Доскоцил кој учествуваше на форумот на министрите за одбрана од Централна и Источна Европа.

На него присуствуваа шефовите на воените служби на земјите од Западен Балкан, како и нивните колеги од Словенија, Хрватска, Чешка и Словачка, а Полска присуствуваше во својство на набљудувач. На средбата главна тема беше миграционата криза.

Австрија предложи формирање на „Мостова мисија“, која ќе и помага на европската гранична служба „Фронтекс“ (Frontex) да ги обработува и депортира мигрантите кои пристигнуваат во Грција од Турција, додека личниот состав на Фронтекс таму не биде целосно пополнет - нешто што според Виена може да трае со месеци.

Според Доскоцил Фронтекс е пренатрупана и од таа причина е потребно да и се помогне преку граѓанска и воена мисија, која треба да биде формирана што поскоро.

„Никогаш повеќе не треба да дозволиме една држава, како што е случајот со Македонија, да биде оставена на волјата на судбината“, категоричен е австрискиот министер за одбрана.

Тој истакна дека пред средбата на министрите за одбрана на ЕУ на 19 април присутни на форумот во Виена ќе испратат писмо до европскиот министер за надворешни работи Федерика Могерини во кое детално ќе биде изложен предлогот.

Доскоцил соопшти дека тогаш ќе присуствуваат и министрите за одбрана на Грција и Германија, кои биле поканети во Виена, но не дошле.

Тој истакна дека Грција била поканета, но одбила учество.

Следната недела Доскоцил ќе замине за Атина, каде ќе разговара со својот колега. Истата покана била упатена и до германскиот колега, но тој не е одговорил.

„Она што се случи минатата година никогаш не треба да се повторува“, истакна Ханс Петер Доскоцил и додаде: „Ние сме должни да преминеме од академски дискусии кон конкретни дејства“.

Откако главниот миграциски правец преку Балканот веќе е затворен, сега постои ризик од појава на нови правци во Бугарија или Албанија, истовремено Медитеранскиот од Либија кон Италија се обновува.

На оваа средба учесниците се согласија дека е потребно да се изврши притисок во ЕУ за заштита на надворешните граници и затворањето на сите миграциони правци.

Слично

Поврзани вести