Економија, финансии, бизнис

Контакт

АВМУ бележи различен однос на медиумите кон професионалните стандарди во предизборието

АВМУ бележи различен однос на медиумите кон професионалните стандарди во предизборието

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во Извештајот за медиумското претставување во првите десет дена по распишувањето на изборите, констатира дека дел од медиумите не ги почитуваат програмските начела за објективно и непристрасно прикажување на настаните, обезбедување различни, еднакво третирани гледишта, за почитување на човековото достоинство, за поттикнување на духот на толеранција и за независност и самостојност во уредувачката политика.

Oттаму укажуваат дека почитувањето на членот 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е предуслов за вршење на дејноста.

Упатија и предупредување дека доколку некои од медиумите продолжат да емитуваат прилози во кои се поврзуваат политиките на државата со мерки од изборни програми на политички партии и да известуваат за активности на државните органи на централно и локално ниво на начин што може да биде во функција на изборно медиумско претставување на кој било политички субјект, ќе бидат преземени законските мерки.

Агенцијата ги потсетува радиодифузерите дека барањето да се презентираат различни гледишта кои ќе имаат ист третман, исто како и сите други програмски начела, и забраната за говор на омраза, важат и за дебатите, интервјуата и другите актуелно-информативни емисии.

Првиот извештај од мониторингот на медиумското претставување по распишувањето на Предвремените парламентарни избори 2016, за периодот 15 – 24 април е достапен на веб страницата на Агенцијата www.avmu.mk во посебниот дел - Избори 2016.

Слично

Поврзани вести