АВИОСООБРАЌАЈОТ ВО БЕЛГРАД ПРЕКИНАТ ОД БАГЕРИСТ, по грешка искинал кабли предизвикувајќи хаос со летовите
Аеродромот „Никола Тесла“ во Белград беше целосно затворен и сите полетувања и слетувања беа откажани од „технички причини“. Десетици летови беа пренасочени, одложени или откажани, а како што јавуваат српските медиуми утврдено е дека проблемот го предизвикал невнимателен оператор на багер.
Полетувањата и слетувањата вчера попладнето беа прекинати од технички причини од 16 часот и 45 минути, а некои пристигнувања беа пренасочени кон нишкиот аеродром „Константин Велики“. Неколку летови на националната компанија „Ер Србија“ беа пренасочени кон Ниш, авионот на компанијата „Визер“ од Ница слета во Тузла, а патниците на летот за Загреб, меѓу другите, мораа да останат на аеродромот, јавуваат српските медиуми.
Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ вечерва соопшти дека на аеродромот „Никола Тесла“ „багер ги скршил каблите за струја“, што ги предизвикало прекините.
„Бидејќи безбедноста на патниците е најважна работа, летовите беа веднаш прекинати и продолжија веднаш по отстранувањето на дефектот“, објави Весиќ на Твитер. „Им благодариме на патниците за разбирањето и трпението“, соопштија од аеродромската управа со која како концесионер управува француската компанија „Винчи“.
Според специјализираната веб-страница flightradar, првите авиони полетале од Белград по неколкучасовно задоцнување дури по 20 часот на релации за Љубљана, Копенхаген и Барселона. Реновирањето на аеродромот „Никола Тесла“ трае со месеци, што на многу патници им го отежнува пристигнувањето и полетувањето од Белград.
Аеродромот во Белград беше и накратко затворен на 27 септември поради удар на гром кој ја оштети пистата.
ФОТО: YouTube/Print Screen
