Економија, финансии, бизнис

Контакт

Авион на „Рајанер“ не можел да слета во Осиек - контролорот на летање задоцнил на работа

Авион на „Рајанер“ не можел да слета во Осиек - контролорот на летање задоцнил на работа

Патниците на летот на „Рајанер“ од Лондон кон Осиек доживеале необична ситуација кога авионот морал да кружи над аеродромот наместо веднаш да слета. Причината не била технички дефект, ниту лошо време, туку тоа што контролорот на летање задолжен за слетувањето не пристигнал навреме на работа.

Инцидентот се случил во сабота, 6 јуни, кога авионот се приближувал кон осиечкиот аеродром. Наместо да ја започне процедурата за слетување, „боингот 737“ продолжил да кружи над аеродромот околу дваесетина минути. Патниците прво биле збунети, а потоа и загрижени, бидејќи не знаеле што се случува.

Подоцна било утврдено дека вработениот во контролата на летање, чија смена требало да почне пред пристигнувањето на авионот, не дошол навреме на работното место. Особено необично е што станува збор за аеродром со мал сообраќај, каде тој ден биле планирани само два лета.

Пилотите повеќепати се обиделе да воспостават радио-врска со контролата, но без успех. Бидејќи немале дозвола за слетување, морале да го држат авионот во таканаречена кружна патека на чекање. Во еден момент се разгледувала и можноста летот да биде пренасочен кон Будимпешта, што за патниците ќе значело дополнително време во воздух и комплицирана организација на превоз од друг аеродром, во друга држава.

Ситуацијата завршила откако задоцнетиот контролор пристигнал на работа. Врската со авионот била воспоставена, била дадена дозвола за слетување и авионот безбедно слетал на пистата.

Хрватската контрола на воздушната пловидба потврдила дека доцнењето било резултат на индивидуален пропуст на вработен кој не дошол навреме на смена. Оттаму нагласиле дека безбедноста на патниците и екипажот во ниту еден момент не била загрозена, бидејќи летот цело време бил следен од Обласната контрола на летање во Загреб.

Според официјалните информации, процедурата била спроведена според правилата, а вкупното доцнење на авионот на крајот изнесувало 12 минути. Иако немало последици по безбедноста, најавена е дисциплинска постапка против одговорниот работник за да се утврдат сите околности и да се спречат слични ситуации во иднина.

Извор: РТС

Слично

Поврзани вести