Авганистански боксери се „заглавени“ во Србија и не смеат да се вратат дома стравувајќи од Талибанците
Боксери од Авганистан се „заглавени“ во Србија и се истражува наводно насилство врз нив.
Дописникот на МИА од Белград јави дека управителот на прифатниот бегалски центар „Адашевци“ кај Шид, Драган Велимировиќ изјавил дека од шесте боксери на авганистанската репрезентација, кои по Светското првенство во Белград одбиле да се вратат во својата земја и кои дошле во тој камп, сега се наоѓаат само уште двајца.
„Тие се обидуваат да ја напуштат Србија и имам впечаток дека се заглавени овде, имаат пасоши со истечена виза и имаат административни проблеми. Тие имаат намера да се обидат да патуваат по некој нивен сопствен план“, изјави Велимировиќ за ТВ Н1.
Тој вели дека немало насилство врз нив, но сепак ќе го испита случајот.
По Светското првенство во бокс, што се одржа во ноември лани во Белград, 11 боксери од Авганистан не се вратија дома поради страв од Талибанците, кои ја презедоа власта на крајот на август. Талибанците претходно го забранија боксот.
Откако во август лани ја презедоа власта во Авганистан, Талибанците воведоа многу забрани.