Атина: Не ги делиме европските земји на пријателски и непријателски
Грчката влада не ги дели европските земји и граѓани на пријателски и непријателски, изјавија претставници на официјална Атина како одговор на изјавата на шпанскиот премиер Мариано Рахој.
Шпанскиот премиер го повика грчкиот колега Алексис Ципрас да биде „сериозен“ и да не ги прави Шпанија и Португалија свои жртвени јарци, после наводи на Ципрас против двете страни дека ќе ја поткопа Грција во преговорите за долгот во Брисел.
Премиерот Ципрас бил должен да опише пред грчкиот народ во детаљи за тешките преговори со еврогрупата, изјавиле владини претставници по повод говорот на Ципрас пред раководството на владејачката партија СИРИЗА.
„Секоја погрешна интерпретација на говорот на грчкиот премиер не му помага на дијалогот“, изјавиле претставници на грчката влада.
Ципрас вчера ги обвини Шпанија и Португалија, дека сакаат да ја доведат Грција до „финансиско задушување“ поради цврстата линија за време на неодамнешните преговори меѓу Атина и ЕУ.
„Против нас е формирана оска на сили предводени од владите на Шпанија и Португалија“, изјавил Ципрас.
„Нивниот план е да биде скршена или сменета нашата влада, пред работата да почне да дава резултати и пред грчкиот пример да влијае на други земји. И најчесто тоа се прави пред изборите во Шпанија“, изјавил Ципрас.
Рахој повика Ципрас да биде сериозен.
„Не сме одговорни за разочарувањето што го предизвика грчката радикална левица, ветувајќи им го на Грците она што знаеа дека не може да се исполни“, изјавил шпанскиот премиер.
Овие обвинувања се „целосно апсурдни и се патетични за шеф, кој би требало да биде на височините на своите надлежности“, изјавил за возврат портпаролот на португалската влада Антониу Кошта.
Освен тоа Шпанија го повика претседателот на ЕУ Доналд Туск и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер да ги осудат изјавите на Алексис Ципрас, изјавил за АФП извор од Владата на Мариано Рахој.
Овие изјави се спротивни на духот на солидарност, кој треба да владее во односите меѓу европските партнери, истакнал изворот.
