Атина го отфрли „ветото“ на ЕУ
Грчкиот парламент го усвои со голема поддршка законот за надминување на хуманитарната криза, и го отфрли притисокот од ЕУ да ги запре.
Првиот пакет мерки за поддршка на сиромашните на левичарската влада на премиерот Алексис Ципрас беше поддржан дури и од опозициската конзервативна „Нова демократија“.
Пред тоа претставник во тимот на Еврокомисијата, набљудувач на задолжената Грција побара законот со „еднострани“ мерки да не се прифаќа. Во одговор Ципрас изјави дека „некои технократи се обидуваат да ги исплашат со ултиматуми“.
Комесарот за економски прашања, Пјер Московичи ги негираше тврдењата за вето, но посочи дека ЕУ не е подготвена да ја задржи Грција во еврозоната „по секоја цена“.
Усвоените мерки за борба против сиромаштијата најверојатно ќе ја чинат Атина околу 200 милиони евра. Тие вклучуваат пуштање на струја на сиромашните, кои не можат да ги плаќаат сметките и бесплатна електрична енергија. Освен тоа 30 000 домаќинства ќе добијат субвенции за плаќање на кирии, а 300 000 лица - купони за храна.
