АРТ СТУДИЈА: Бизнис кој „цвета“ на Запад, но дали би можел да заживее и кај нас?
Цените се различни, а местата или се во метрополите, или се оддалечени од урбаните средини и се наоѓаат во живописни предели. Во Америка има студија каде месечно се плаќа по 1000 долари, во Франција има места каде за истото се бараат 1000 евра, а во Италија има и варијанти каде за првата недела се плаќаат по 450 евра, а секоја следна недела од престојот е поевтина. Дека ова може и на Балканот да функционира и да носи заработка, покажува и пример со арт студио во Нови Сад, Србија каде сите термини до крајот на оваа 2018 година се пополнети, со исклучок на две седмици во октомври, а за месец дена наплатуваат 400 евра. Овие арт студија можат да бидат добар бизнис и да носат профит.

Нашите уметници велат дека Македонија има локации каде би можеле да се изградат вакви објекти, но треба да се инвестира.
„Тоа може да биде многу корисно, и кај нас има многу убавини, но има една клучна работа, треба да се инвестира. Арт студио од таков карактер колку јас што знам нема, и ако некој странски уметник сака да дојде, да престојува, работи, за сите информации се обраќа до општината во градот. Арт студио е добра идеја, но како тие да дојдат, да престојуваат, да творат, да платат и да им остане желбата да дојдат и наредната година? Тоа е широка тема“ – вели Блаже Донев, уметник.
Писателката Ивана Поповска смета дека во земјава ни треба осмислен концепт за вакви проекти и престои.

„Во нашата држава сè уште не е точно прецизирано и решено прашањето околу културните вредности и организациски делувања. Сè уште ни недостигаат примери и насоки како да се издејствува и да се овозможи сето тоа. За да се реализира, треба да се обезбедат услови“- рече Поповска.

Сања Радуловиќ, поетеса од Добој, БиХ вели дека и кај нив се реткост ваквите арт студија, и додава дека уметниците од надвор можат да си дозволат да платат за престој, а Балканците тешко.
„Веројатно тоа би можело да се реализира, но тоа е сериозен проект и е наменет за оние кои имаат пари. По мое мислење уметноста треба државата да ја поддржи, но тоа е тешко. Обично нашите уметници бараат резиденции онаму каде сè е платено“- вели Радуловиќ.

Но, за овие резиденции и покрај тоа што се плаќа за престојот во странство, се вреднува и биографијата на уметникот кој ќе биде селектиран, и она што тој планира да го работи. Престоите обично траат од две седмици до три или шест месеци.
Сања Атанасовскафото Transartists
