АРХИТЕКТОТ ИВАНОВСКИ: Скопје стана тажен град!
Двата нови објекти на Факултетот за информатички науки (Финки) и на Факултетот за физичко образование кои треба да никнат во кампусот на УКИМ, не престануваат да ја брануваат јавноста. Студентите и професорите бараат одговорност за нарушувањето на Автономијата на универзитетот и уништувањето на зелениот појас, деканите бараат решение за долгогодишниот проблем, надлежните уверуваат дека се било според законот.
Архитектот Дејан Ивановски чија фирма беше одбиена на конкурсот за идејно решение за двете згради, за Фактор вели дека современата градба со своите карактеристики треба да одговара на местото и контекстот во кој е поставена, но во овој случај станува збор за избор на погрешни архитектонско-урбанистички решенија. Погрешни како што вели по тоа каде се поставени, погрешни по нивната релација и големина , но и по нивниот изглед.
“Во 2008-мата година имаше сличен архитекронско-урбанистички конкурс за Универзитет за информатички технологии, лоциран во општина Аеродром на булеварот Србија, кој беше многу посоодветен овој денешниов. И како локација и како квалитет на проект” -вели архитектот Ивановски.
Тој при конципирањето на својот архитектонски труд ја почитувал изворната идеја на оригиналниот архитектонски труд за комплексот факултети на УКИМ. Барокот кој не бил еден од условите во конкурсот, како стил вели не му пречи, но градбите кои никнаа низ центарот на Скопје, според Ивановски немаат никаква архитектонска врска со овој правец во архитектурата.
“Мене овој архитектонски стил ми е познат само како историски стил кој постоел во минатото во други држави како Франција, Италија, Англија, Германија... стил против кој немам ништо против. Но ова што го гледаме низ нашиот град нема никаква поврзаност со овој стил. Ниту според пропорцијата, ниту според материјалот на градба, ниту како технологија на градење... се работи за тотално вештачки и измислен правец што воопшто нема никаква поврзаност со архитектонскиот стил барок” - додава Ивановски.
Сепак комисијата основана од Министерството за образование и наука ги прогласи за најиздржани и најквалитетни концепти за просторот идејните решенија на авторот Жарко Чаушевски, чиј потпис стои на повеќе градби од проектот Скопје 2014.
“Јас не знам ништо за авторот на овие две згради, не се појавил на ниту една архитектонска изложба или дискусија, или предавање. За мене е мит. Ги гледам неговите нови згради кои секојдневно никнуваат насекаде во нашиот град, а градот во кој никнуваат го прават многу тажен. Многу тажен. Од еден супер модернистички град за чиј урбанистички развој зборуваше целиот свет, денес имаме град кој е производ на група вообразени аматери” -нагласува архитектот Ивановски.
Условите во кои денес работат архитектите според него се мизерни. Од друга страна проектот за изградба на двете нови факултетски згради на зелениот појас на УКИМ тежат околу 20 милиони евра.
Архитектите досега неколкупати реагираа дека Министерството за образование и наука не ги прикажа пред јавноста седумте конкурсни трудови кои аплицираа на конкурсот. Јавноста велат не ја виде ниту визуелизацијата на двете нови зданија што ќе се градат на Универзитетот, спроти трговскиот центар „Мавровка“.
Креатор на некогашната идеја за изведба на универзитетскиот кампус спроти трговскиот центар „Мавровка“ е словенечкиот архитект Марко Мушич.
С.Б.
Слично
