Археологот Паско Кузман оди во затвор
Поради злоупотреба на службената должност, поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман е осуден на три години затвор.
Апелацискиот суд ги потврди казните за 16-мина обвинети со случајот „Фаланга 2“ за илегално откупување и продажба на артефакти.
Според пресудата на Кривичниот суд, Кузман беше осуден на три години затвор, затоа што како директор на Управата за заштита на културното наследство им издал согласност на физички лица за изведување земјени работи на две локации со цел проверка на наводите за постоење културно - историско наследство.
Во обвинителниот акт се тврди дека овој документ не е предвиден со законските и подзаконските акти на Управата. Според Кузман, пак, единствено Управата е надлежна за издавања согласност во вакви случаи.
Со највисока казна од седум и пол години затвор е осуден Илче Бојчевски, поранешен раководител на Одделението за превенција.
Другите обвинети, кои се товареа дека биле дел од злосторничката група, беа осудени на затворски казни од три и пол до шест и пол години, додека четворица обвинети добија условни казни.
