Економија, финансии, бизнис

Контакт

Арбен – „Везе Шари“ е бизнисмен на годината според анкетата на Фактор

Арбен – „Везе Шари“ е бизнисмен на годината според анкетата на Фактор

Арбен Абдурахмани е бизнисмен на годината според анкетата која порталот Фактор ја спроведе во претходните два дена. Абдурахмани доби најмногу гласови од читателите или близу 40 отсто од сите што гласаа, го дале својот глас за Абдурахмани. Сопственикот на познатата компанија „Везе Шари“ е избран во конкуренција со Ванчо Чифлиганец, Живко Мукаетов, Вилма Учета Дузлевска, Јанис Геруланос и Сашо Наумоски. Фактор ги номинираше во топ шест бизнисмени на годината по свое субјективно согледување кое се разбира е базирано и на факти односно на бројки. Клучен критериум за изборот беше успешност на компанијата со која раководат во последната година, но и нивниот личен развој и општествениот контекст.


А ако растот е критериум „Везе Шари“ несомнено е една од најуспешните македонски компании. Постои веќе втора деценија, период во кој од мала фарма прерасна во голема компанија во чиј склоп има уште две нови компании.  Се отвори познатата фабрика за преработка на сувомеснати производи „Лекер“, а од пред неколку години функционира и „Електро Шари“, биогасна централа, една од ретките во земјава. Сега во компанијата има над 140 вработени, но планот за раст не запира овде. Според проекциите, наскоро треба да се отвори и фарма за јунци, па за три до пет години да се стигне до 4.000 јунци годишно. Абдурахмани има визија за успех, големо искуство, дел стекнато во Германија и инспиративен оптимизам дека врвот за компанијата нема крај.

Кога се зборува за добра компанија на македонскиот пазар, за позиционираност и за растот – Алкалоид е синоним. Живко Мукаетов е човек кој сите добро го знаат, а тој е еден од малкумината кој помага и во спортот во образованието.

За компанијата во бројки - од јануари до септември годинава вкупната продажба изнесува 5,5 милијарди денари што е за 7 отсто повеќе од истиот период лани. Нето добивката во деветте месеци е 611 милиони денари и е зголемена за осум отсто. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за четири отсто, додека вкупниот консолидиран извор пораснал за 12 отсто. Од вкупните продажби 37 отсто се остварени на домашен пазар а 63 на странски што е за почит.

За почит е работата на Вилма Учета Дузлевска која е главен извршен директор на „Кроациа осигурување живот“ веќе седма година. Во тој период компанијата имаше раст за сите пофалби, а Учета Дузлевска е најзаслужна за тоа. Успешна менаџерка, мајка, сопруга таа добро балансира меѓу професионалниот и приватниот живот. За „Кроациа осигурување живот“, последната година, пак е историска по остварување добри финансиски резултати. Порасна во однос на минатата година со 24 отсто, додека вкупниот пазар за осигурување живот расте со стапка од 15 отсто. Оваа година е остварен апсолутен раст на премија дури поголем од сите останати компании на животно осигурување заедно. Компанијата држи 74 отсто од пазарот на животно осигурување. Има 46 проценти пазарен удел во конкуренција со пет европски брендови.

Во Македонија нема кој не ги знае Стоби флипс и другите нивни производи. Растот е постојан, изразен во последните години. Сашо Наумоски е прв човек на прилепската компанија „Витаминка“. Таа годинава ја купи штипската фабрика Брилијант. Во првата половина од годината „Витаминка“ имаше раст на продажбата за 2 милиони евра до износ што надминува 15 милиони евра. Зголемениот обем на производство со новите инвестиции носи и добивка од 742.000 евра што е безмалку пола милион евра повеќе од истиот период лани. „Витаминка“ во првите шест месеци има приходи од продажба во износ од 15,24 милиони евра и тие се за 1,97 милиони евра повисоки од истиот период лани односно бележат раст од 15 отсто. Тоа е одличен раст на приходи од продажба и укажува на зголемен производствен капацитет и збогатен производствен асортиман.

Одличен е напредокот и на Ванчо Чифлиганец, сопственикот на познатата градежна компанија „Адора инженеринг“ која постои 17 години. Самиот, а и компанијата годинава доби неколку интернационални и домашни награди и признанија за успешност. Во 2017 година ги зголеми приходите од продажба за 93 отсто, а оствари добивка од 333,4 милиони денари или 250 отсто повеќе од претходната година. Компанијата годинава за 10 милиони евра купи и над 8 отсто од Комерцијална банка со што стана најголем поединечен акционер во една од најголемите и моќни македонски банки.

А ако приходите се критериуми Окта е на врвот. Јанис Геруланос е главниот извршен директор на оваа компанија. Во првите девет месеци годинава компанијата има приходи од продажба од над 20 милијарди денари, едни од најголемите годинава меѓу сите домашни компании. Но Окта има импресивен раст сите овие години, но и доста успеси годинава. Гералунос важи за човек кој е лидер, почитуван, со став и конструктивен.

Ние им честитаме на сите бизнисмени за нивната успешна работа и се надеваме дека ќе продолжат да растат и во иднина.


Слично

Поврзани вести