Економија, финансии, бизнис

Контакт

Апсолвентите на Економскиот факултет во Штип апелираат: „Не ни ги земајте професорите!“

Апсолвентите на Економскиот факултет во Штип апелираат: „Не ни ги земајте професорите!“
Апсолвентите на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со писмо упатија поддршка до тројцата професори кои штрајкуваат со глад затоа што се бесправно отпуштени. Во писмото со наслов „Не ни ги семајте професорите“, студентите велат дека директно се засегнати за расплетот на случувањата во врска со прекинувањето на работниот однос на тројцата професори - Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска, Александар Костадиновски, кои во текот на нивното студирање се покажале како едни од најдобрите професори на Факултетот. „Овој чин не значи само бркање на тројца професори, (и тоа не било кој), туку и бркање на студентите кои се во потрага по квалитет и кои својата одлука  за студирање ја донеле врз основа на професорите, кои се најдобра реклама за истиот. УГД е факултет со кратка историја и наместо да се привлекуваат поквалитетни кадри,  акцентот се става на бркање и на така скудниот квалитетен кадар, на кои сме горди сите студенти“, пишуваат тие во писмото. Според апсолвентите, иронично е што како студенти, се беспомошни во оваа ситуација, бидејќи нивното право на глас не фигурира никаде. „Обидот да се чуе нашиот став во однос на ова прашање, не вроди со резултати. Колку за илустрација, веднаш по донесувањето на одлуката на ННС, покажавме спремност да дадеме поддршка за нашите професори, која наредниот ден беше доставена до ректоратот.  Претседателот на Студентски парламент при УГД, наместо да не поддржи во оваа тешка ситуација (што по правило би требало), се обидува да го задуши и онака кревкиот глас кој никој не го слуша. Вистината е дека како студенти, од една страна сме загрижени за нашето натамошно едуцирање, а од друга, исплашени од последиците со кои може да се соочиме доколку јавно се спротиставиме на овој чин. А фактот, дека ништо неможеме да смениме, воопшто не ни помага“, стои во писмото. „Меѓутоа, како апсолвенти на Економскиот факултет, чувствуваме одговорност кон студентите кои го завршија своето образование на овој факултет, кон студентите од помладите генерации и кон идните генерации кои планираат своето образование да го продолжат на Економскиот факултет при УГД,  да се обидеме да го зачуваме квалитетот  кои ни го овозможија сите  професори. Иднината на нашето образование, сега е во рацете на некој друг, а стабилноста и заштитата што мислевме дека ја уживаме, ни остави многу прашалници во главата. Како сега, да веруваме во сето она што го научивме од професорите, вклучувајќи ги и оние кои се директни соучесници во случајот. Останува опцијата нашето натамошно образование да го бараме надвор од границите на УГД“, пишуваат понатаму апсолвентите. На крајот, тие велат дека сепак се надеваат оти нивните апели до ректорот, деканот и останатите професори кои ја изгласаа оваа одлука ќе вродат со плод и ќе ги натераат да го преиспитаат решението. „Не навлегувајќи во причините за оваа ситуација, свесни сме дека станува збор за тешка одлука. Меѓутоа, веруваме во човечноста и праведноста на  Ректорот, Деканот и останатите седум професори кои ја изгласаа оваа одлука, дека нема да останат имуни на овој искрен  и без никаква позадина обид,  повторно да размислат за исправноста на оваа одлука и да сторат се што е во нивни раце,  да најдат подобро решение за проблемот и да ја поправат настанатата штета“, стои во писмото потпишано од апсолвентите на Економскиот факултет во Штип.
Слично

Поврзани вести