Апели за смирување на тензиите по убиството на матурантот во Ѓорче Петров
Тензично е и утрово во Ѓорче Петров, каде што вчера попладне беше убиен матурантот Ангел П. од крадците на неговиот велосипед.Советот на општина Ѓорче Петров и градоначалникот изразуваат загриженост заради подигнатите тензии и бараат од полицијата да ги превземе сите неопходни мерки за враќање мирот и безбедноста, и заштита на животот и имотот на граѓаните.
Од општината апелираат до граѓаните да се воздржаат од какви било активности спротивни на закон и да делуваат врз какви било изливи на насилство, се вели во писменото соопштение до медиумите.
По убиството на матурантот, синоќа револтирани граѓани и роднини на убиеното момче, протестираа блокирајќи ја главната улица во Ѓорче Петров. Протестите ескалираа со превртени и запалени контејнери, превртени автомобили, искршени и запалени дуќани и угостителски објекти, а полицијата едвај успеа да ја врати ситуацијата под контрола.
Цивил – Центар за слобода апелира граѓаните да се воздржат од секакви меѓуетнички тензии по убиството на младиот А.П. од Ѓорче Петров и да и препуштат на полицијата да ја заврши професионално својата работа.
„Изразуваме жалење и сочувство до семејството за смртта на младото момче. Сметаме дека во овој момент е најважно лицето што го сторило убиството да биде изведено пред лицето на правдата согласно законите. Секое предизвикување тензии, особено на меѓуетничка основа, можат да го загрозат овој процес и да доведат до дополнителни ескалации на случувањата“, стои во соопштението од „Цивил“.
Инаку, патниот правец Скопје-Тетово, кој до утрово беше блокиран заради протестите и немирите во Ѓорче Петров, сега повторно е отворен за сообраќај. Полицијата уште го обезбедува мостот кој води кон Сарај.
Фото: Нетпрес
Слично
