Апелација ја одби жалбата на СЈО за изземање на Поп-Стефанија од „Тврдина“
Апелацискиот суд Скопје ја одбил жалбата на Специјалното јавно обвинителство за изземање на судијката Александра Поп-Стефанија од случајот „Тврдина“, информираа денеска од судот.
Второстепениот суд ја одбил жалбата на СЈО како неоснована и ја потврдил одлуката на Основниот суд Скопје 1.
„Постапувајќи по жалба на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) против решение на претседателот на Кривичниот суд, Апелацискиот суд Скопје денеска достави решение со кое жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а решението на првостепениот суд за неприфаќање на барањето за изземање на судија на претходна постапка се потврдува“ пишува во соопштението на судот.
СЈО побара изземање на судијката на 23 јуни, додека траеше сослушувањето на екс министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Неколку дена подоцна Кривичниот суд соопшти дека барањето се одбива.
СЈО бараше изземање на судијката затоа што поранешната министерка се води како вработена во ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во општинскиот комитет на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.
Барањето за изземање следуваше откако судијката ги отфрли барањата на СЈО за притвор и за мерки на претпазливост за Горан Грујовски, Гордана Јанкулоска и за другите тројца осомничени и ја оспори надлежноста на Специјалното обвинителство за случајот „Тврдина“. Тие се товарат за уништување на системи за прислушкување.
