АПЕЛАЦИЈА ПОТВРДИ: Три години затвор за Слободан Даневски
Аплеацискиот суд во Штип ја потврди првостепената пресуда според која поранешниот претседател на Управниот одбор на АД Џумајлија, Слободан Даневски беше осуден на три години затвор под обвинение дека ја оштетил компанијата со која управувал.
Освен казната затвор, Апелацискиот суд од Штип му наложи на поранешниот пратеник и градоначалник на Свети Николе Даневски да врати нешто над пет милиони денари.
Дополнителни шест милиони денари треба да плати и ТС за ветеринарни услуги „Зоки 28“, сопственост на неговиот брат Зоран Даневски, а 225.000 денари треба да плати и поранешниот член на управниот одбор Ласте Митев.
За дел од овие дела Зоран Даневски доби казна затвор од две години,која уште не е правосилна, а тој се наоѓа во бегство.
Пресудата е само морална сатисфакција за акционерите, бидејќи тие нема да бидат обештетени.
„Ние акционерите остануваме со празни раце, затоа што фирмата ни се распадна, имотот околу 5300 хектари ни е даден на „Сахара груп“ од Индија, а винарската визба е под хипотека и ја поседува Тутунска банка. Правдата е спора, оваа пресуда требаше да биде донесена порано, 2006-та година, кога можеше да се спаси комбинатот. Ќе се обидеме сепак преку други постапки да добиеме некаква сатисфакција околу нашите неплатени придонеси и плати“, вели Трајче Ѓеорѓиев, поранешен акционер во АК „Џумајлија“.
Акционерите се упатуваат да си ја наплатат штетата преку граѓанска парница. Според пресудата, браќата Даневски продавале брашно на непостоечки фирми, а вратените заеми од други фирми наместо во касата на компанијата ги искористиле за купување на акции од „Џумајлија“, по што Зоран Даневски станал доминантен сопственик и директор на компанијата.
ТВ Телма успеала да стапи во контакт со Слободан Даневски кој е во земјава и не сака да ја коментира пресудата, но најавува дека ќе ја обжали.
Слично
