Економија, финансии, бизнис

Контакт

Апче за глава ќе може да се купи и на бензинска

Апче за глава ќе може да се купи и на бензинска
Андол, парацетамол, линекс, ефералган, проспан, витамини - ова се само дел од вкупно 108 лекови и препарати кои граѓаните ќе можат да ги купат и во супермаркетите и на бензинските пумпи. Министерството за здравство ја изготви листата на т.н. лекови за самолекување, кои граѓаните најчесто ги земаат при првична помош на здравствени потешкотии, без да се јават на лекар. „Со законските измени овозможено е продажба на лекови од оваа листа, која што е направена според критериумите во САД и европските земји. На овој начин, лековите ќе бидат подостапни во реоните кои што се подалеку од аптеките или каде што има помала населеност во тие места", изјави министерот за здравство Никола Тодоров. Супермаркетите и бензинските пумпи кои сакаат да продаваат вакви лекови ќе треба најпрвин да се регистрираат во Министерството за здравство, за да бидат подложни на контроли од страна на Бирото за лекови, а условите за продажба во нив ќе треба да бидат исти како и за аптеките. Фармацевтите преку нивното здружение во Сојузот на стопански комори неколкупати остро реагираше на ваквите законски измени, со образложение дека се уништува бизнисот на аптеките. Освен ова, од таму изразија сомневање дека во бензинските пумпи и супермаркетите ќе може да се одржи квалитетот на продажбата на лековите, а ваквата мрежа би била и преширока за контрола од страна на Бирото за лекови.
Слично

Поврзани вести