Економија, финансии, бизнис

Контакт

АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА: во сенка на моќните политички центри!

АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА: во сенка на моќните политички центри!
Пратениците вчера избраа нов состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, во која останаа старите членови Садије Халили и Фарије Алиу, двете од Тетово. Во новиот состав влегуваат двајца адвокати, Горан Миленков и Најдо Спасевски од Скопје, двајца правници - Сузана Таскова и Жаклина Дамчевска, како и еден доктор по економски науки, Игор Тантуровски. Кои се новите борци против корупцијата и што сработија нивните претходници? Имиџот на Антикорупциската комисија е тотално загрозен поради лични и партиски интереси, коментира домашната експертска јавност. Ако се сумира работата на претходниот состав на антикорупциската комисија, речиси тешко е да се даде преодна оцена. Наместо погласна, посилна и поефикасна, по 13 години од своето постоење, антикорупциска според претходните членови на комисијата е се помалку транспаретна и ажурна. Борците против корупцијата тргнаа амбициозно. Се испитуваше приватизацијата на Фершпед, Порцеланка, Бачило, ОКТА за што своевремено антикорупциска бараше да се утврди одговорност за договорот за продажба на хемискиот гигант. Денес работата на антикорупционерите не се гледа. Каде се загубија антикорупционерите Домашната експертска јавност, многупати посочуваше дека антикорупциската комисија треба својата активност да ја насочи кон сериозните сомневања за бројните корупциски скандали, злоупотреба на службената положба, расипничко трошење на народните пари, не пријавување на имотната состојба и огромното збогатување на високи функционери и други службени лица од владеачката гарнитура наспроти нивните редовни приходи, наместо да ги игнорира и придушува ваквите коруптивни практики. Антикорупционерите своевремено остануваа глуви и на сомнителните случаи за кои пишуваат медумите. Недозволиво е коментираат поранешни членови на ДКСК да се замижи и пред фактот дека партија на власт се уште нема оправдано милиони евра за изборно рекламирање, а од друга страна веќе поднесе кривични и прекршочни пријави за други партии. За владеачките моќници не се испитуваше конфликт на интереси, за Црвенковски се отвори „Надеж“ Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) пред година и половина не испитуваше дали постои конфликт на интереси за директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, кој има и приватен бизнис во Чешка. Тогаш, првиот човек на ДКСК, Ѓорги Сламков, изјави дека не постои основ да се постапува по Законот за спречување судир на интереси, образложувајќи дека фирмата на Мијалков е отворена во странство и подлежи на тамошните закони. Претходно, во 2010 година државната комисија за спречување на корупцијата од Јавното обвинителство побара да покрене иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски и одговорни лица во неговиот Кабинет во врска со случајот „Надеж“, антикорупционерите тогаш бараа испитување за склучениот договор со тројца словенечки експерти за изработка на ПР стратегија, вредна 340.000 евра, без притоа да биде спроведена постапка за јавни набавки. Случај Веле Самак - колатерална штета на честите критики за (не)работата на ДКСК Највпечатливо во работата на претходниот антикорупциски состав, беше случајот со министерот Веле Самак. Имено, во февруари годинава Државната комисија за спречување на корупција испрати јавна опомена до министерот без ресор Веле Самак, бидејќи доделил државни пари на компанијата „Маркарт“ во која неговата сопруга е на раководна позиција. Според законот, Антикорупциска во случајов препозна судир на интереси. На Самак му се доделени 15 дена да ја поправи грешката. Случајот со сопругата на министерот Веле Самак беше отворен кон крајот на септември 2014 година. Судир на интереси Антикорупционерите во својот последен извештај нотираат дека лани оформиле вкупно 171 предмет од областа на судирот на интереси, а завршиле 105 предмети. Од целокупното постапување во текот на 2014 година, ДКСК во 77 случаи констатира постоење судир на интереси. А што има сработено Државната комисија за спречување на корупцијата во 2014 Речиси и да нема нешто по кое може да се памети претходниот антикорупциски состав. Иако, на нивниот сајт има извештај за последно сработеното (2014 год), сепак сите афери кои беа обелодените во јавноста, а се однесуваа на челниците од владеачката гарнитура (Сашо Мијалков, Никола Груевски и др) беа експресно отфрлани од антикорупционерите. Но затоа, антикорупционерите наоѓаа до податок за тоа што е сработено. Во периодот јануари - декември 2014 година се оформени вкупно 158 предмети, од кои 141 по пријава за постоење елементи за корупција од граѓани, правни лица и други и 17 предмети оформени по сопствена иницијатива на ДКСК. Во наведениот период ДКСК постапуваше по вкупно 426 предмети од областа на спречување на корупцијата, од нив, решени се вкупно 193 предмети. Во врска со изборниот процес на претседателските и предвремените парламентарни избори 2014 година беа оформени вкупно 1356 предмети, од кои 1335 по барања мислења за примена на одредбите од Законот за спречување на корупцијата, 5 предмети по исто толку пријави од една политичка партија, 6 предмети по пријава од една политичка партија, 1 предмет по пријава од здружение и 9 предмети беа оформени по сопствена иницијатива на ДКСК. (Извор: ДКСК) Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во 2013 година поднела  7 иницијативи за кривично гонење, се вели во годишниот извештај на Антикорупциската. Овие иницијативи биле поднесени по претставки од Државниот завод за ревизија, а ниту една иницијатива не е против висок функционер од владејачката гарнитура. Нов состав на антикорупциската комисија Медиумите во земјава веќе пишуваа за новите борци против корупцијата. Горан Миленков, адвокат од Скопје. Меѓу другото во својата кариера тој бил и советник во Министерството за надворешни работи. Но, во неговата биографија доставена до Собранието не се наведува дека има искуство во област од антикорупција. Игор Тантуровски, кој е доктор на економски науки од Скопје, работел како финансиски директор во болницата Свети Наум Охридски во Скопје, а извршува работи од областа на финансиите и во други здравствени институции. Името Игор Тантуровски може да се најде и како донатор на владејачката партија. Тој во 2012 дал 60 илјади денари за ВМРО-ДПМНЕ. Најдо Спасевски работи како како адвокат во сопствена адвокатска канцеларија, а претходно со години бил судски соработник во Основниот суд Скопје. Сузана Таскова Аџикотарева, магистер по казнено право од Скопје. Таа додека студирала една година работела во земјоделска организација, а потоа волонтирала во Основниот суд Скопје 1. Потоа работела како службеник за наплата во фирма за финансиски консалтинг, потоа две години во Министерството за финансии во Управата за финансиско разузнавање, а нецела година работела и во Комисијата за верификација на факти како советник. Жаклина Дамческа е дипломиран правник од Прилеп. Од 2013 година работи како правен советник во Државното правобранителство во Прилеп. Голем дел од досегашната кариера ја поминала работејќи како правник и менаџер на грчки фирми во Прилеп. Во биографијата навела дека има средно познавање на грчкиот и на англискиот јазик. Во собраниската расправа, опозицијата жестоко го критикуваше предложениот нов состав на Антикорупциската комисија. Анонимуси, нестручни и партиски кадри, ова беше оценката на пратеничката Солза Грчева. Еден од кандидатите во биографијата напишал дека знае да користи Интернет експлорер и Мозила", рече Грчева. Според нејзе предложените кандидати се партиски војници, затоа што дел од нив работеле во државна служба, каде што се влегува само со партиска книшка. Р.Ф
Слично

Поврзани вести