Антикорупциска комисија отвори случај: Дали Ангеловска знаела за Еуростандард кога ги повлекла парите
Државната комисија за спречување на корупцијата ќе испитува дали министерката Нина Ангеловска ја имала информацијата дека Народната банка ќе и ја одземе дозволата на Еуростандард банка кога ги повлекла парите од депозитот или во тој момент не била информирана што ќе се случува. Ќе се утврдува дали има злупотреба на службената положба.
Претседателката на Антикорупциска комисија за Фактор потврди дека ќе го испитуваат случајот.
„Ќе испитуваме само дали знаела дека ќе се случува стечајот кога го повлекла депозитот иле не, изјави Билјана Ивановска за Фактор.
Како што е познато министерката за финансии ги повлекла заштедените пари од Еуростандард во два наврати пред неколку месеци. Таа тврдеше дека средствата ги повлекувала уште од минатата година и не ги префрлала во други банки, туку ги користела за други инвестиции.
„Би сакала уште еднаш да ѝ ги соопштам на јавноста фактите и воедно да ги демантирам сите неточни информации кои тенденциозно се пласираат. Не е точна ни сумата која се наведува во текстовите – уште од минатата година преку половина од тие депозити се инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега пласираните информации е дека сум имала депозит во ‘Еуростандард банка’“, вели Ангеловска
Поранешниот гувернер, Петар Гошев, за ТВ24 изјави дека министерката ја злоупотребила својата положба со повлекувањето на парите од банката, оти како дел од Комитетот за финансиска стабилност таа цело време знаела каква е состојбата во банката.
Ангеловска од Еуростандард повлекла над 200.000 евра.
