Антикорупциска ќе побара од Пендаровски да го стопира законот за автопатите
Антикорупциска ќе поднесе барање до претседателот Стево Пендаровски да не го потпише указот на законот кој вчера беше изгласан по скратена постапка во Собранието а со кој преку директна спогодба ќе му биде овозможено на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ да ги гради автопатите по коридор 8 и оној помеѓу Прилеп и Битола.
Од Државната комисија за спречување на корупција најавуваат дека следниот чекор ќе биде оспорување пред Уставен суд. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, по извршена антикорупциска проверка рече дека овој закон е високоризичен и има судир на интереси.
„Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставни работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава“, истакна денеска Ивановска на седницата на комисијата.
