Антикорупциска ќе ги испитува становите на Бонева и киријата на Шеќеринска
Во Антикорупциската комисија отворени се корупциски предмети за пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, по аферата за непријавени станови на име на нејзините синови. Се разгледува и случајот со пратеничката на СДСМ Радмила Шеќеринска, кај која во анкетниот лист е наведено дека прима закупнина за стан во висина од 5.000 евра.
„За вакви случаи, како што е на пратеничката Бонева се обраќаме до надлежните институции, како што е Агенцијата за катастар на недвижности. Ги проверуваме лицата што се внесени во анкетниот лист дека живеат во семејна заедница и проверуваме кои се тие лица и нивните недвижности со кои располагаат. Агенцијата ни кажува што располага тоа лице и ги споредуваме со податоците од анкетниот лист. Ако утврдиме дека ти не се исти, поднесуваме прекршочна пријава и барање до УЈП за испитување на имотна состојба“, изјави претседателот на Антикорупциската комисија, Ѓорѓи Сламков.Во однос на случајот со Радмила Шеќеринска, каде што во анкетниот лист стои закупнина од 5 илјади евра за стан во кој живее, Сламков вели дека се обратиле до УЈП.
„Нормално и таму ќе отвориме предмет за проверка на податоците, ќе побараме да ни го дадат договорoт, да видиме кој со кого го има склучено. Уште не е стигнат и затоа не можам да ви кажам сега повеќе“ , изјави Сламков.Отворени се корупциски предмети и за ревизорскиот извештај за Агенцијата за странски инвестиции, а се разгледува и ревизорскиот извештај за Регулаторната комисија за енргетика. Дополнително, во Комисијата се водат постапки за околу 50 функционери кои воопшто не ја пријавиле имотната состојба, иако тоа им е законска обврска. Сламков ги признава досегашните попусти на Антикорупцсиката комисија. Политичарите тоа го искористиле па откако беа обвинети дека не пријавиле промена на имотната состојба, одговорноста најчесто ја префрлаа кај Комисијата која не направила ажурирање на податоците.
„Имаше пропусти од страна на Антикорупциската комисија. Тие беа во септември односно октомври минатата година. Јас би сакал да Ви кажам дека од утре политичарите не ќе може да се вадат на пропусти во Антикорупциската комисија. Сепак проектот за подобрување во работата што го правиме со Германија трае две години. Можностите за пропусти и натаму ќе постојат, иако се драстично намалени“, вели Сламков.
Слично
