Економија, финансии, бизнис

Контакт

Антикорупциска цела година не нашла економски криминал кај власта, на удар главно биле Данела Арсовска и Арбен Таравари

Антикорупциска цела година не нашла економски криминал кај власта, на удар главно биле Данела Арсовска и Арбен Таравари

Државната комисија за спречување на корупција во текот на минатата година до Обвинителството поднела осум иницијативи за кривично гонење, но ниту една за можен економски криминал против власта, туку главно за доделување функции без потребното образование и сертификати. Од она што може да се прочита меѓу редови, главно на удар биле поранешната скопска градоначалничка Данела Арсовска и поранешниот министер за здравство Арбен Таравари.

Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, е два пати пријавена од ДКСК во Обвинителството за злоупотреба на службената положба, од кои првиот пат за иманување на в.д. директор на средно училиште без целосно да ги исполнува, како што е наведено, потребните критериуми, а вториот пат за именување на в.д. директор на јавна установа. Втората кривична пријава е поднесена дури откако завршил мандатот на Арсовска. Повратна информација од Јавното обвинителство немало.

На тапет за злоупотреба на службената положба и овластување бил и Арбен Таравари, како поранешен министер за здравство, но дури откако си поднел оставка како функционер од актуелната власт. Бил пријавен во Обвинителството на 18 ноември 2025 затоа што додека бил министер од јуни 2024 до мај 2025 година наводно поставил в.д. директор на јавна здравствена установа, иако лицето не ги исполнувало во целост условите за вршењето на оваа функција. И овој случај нема епилог кај Обвинителството.

Во објавениот извештај за работењето во 2025 пишува дека е поднесена иницијатива за поведување постапка за кривично гонење против службени лица од неименувана општина и економски оператор поради сомневање за набавка на противпожарни апарати и тоа во текот на 2021 и 2022 година. Фаворизираниот оператор доставил понуда за бараните продукти со технички спецификации во безбедносниот сертификат што соодветствувале на техничката спецификација од тендерската документација иако бил свесен дека такви продукти, какви што се барале според техничката спецификација од тендерската документација, не постојат на пазарот. Засега нема одговор од Обвинителството на оваа иницијатива.

Нема одговор од Обвинителството ниту на пријавата на Антикорупциска за поранешен директор на специјализирана болница кој во 2023 склучил договор за јавна набавка на гориво со утврдена количина од 12.000 литри, за цена од 840.000 денари со ДДВ, а извршил плаќања во износ од 1.222.253 денари за испорачани 15.797 литри гориво.

Иницијатива за кривична одговорност е поднесена против претседател и други членови на Управен одбор на акционерско друштво во државна сопственост поради именување на директори, кои според ДКСК, не го исполниле условот за поседување на еден од меѓународните сертификати. За ова била информирана и Владата, но ниту од таму немало реакција.

Кривична пријава во текот на 2025 добил и градоначалник на општина за именување на в.д. директор на детска градинка, иако се наведува дека именуваниот не го исполнувал минимално потребното годишно искуство. Кривична имало и за директор на средно медицинско училиште поради исплатени средства за набавка на лектири за потребите на училишната библиотека без притоа да биде спроведена постапка за јавна набавка.

А.К.

Слично

Поврзани вести