Антенската кула на Водно досега трошеше пари за градење, од следната година ќе требаат пари за работењето
Агенцијата за електронски комуникации во предлог-финансискиот план за следната година за прв пат воведе неколку нови ставки кои најавуваат нови трошоци, засега со ориентациски суми,за работењето на антенскиот систем на Водно.
Во документот на регулаторот на работењето на телекомуникациските и кабелските оператори, официјално се најавува дека во првите месеци од 2026 комуникацискиот столб на врвот на Водно,кој се градеше дванаесетина години,ќе започне со работа во првите месеци од новата година.
За прв пат се воведува посебна ставка на трошок - Одржување на Антенски систем за контрола и мониторинг на радио фреквенции. Проекцијата е дека тоа ќе чини 8,3 милиони денари, односно 136 илјади евра. За трошоците за електрична енергија, барем на хартија, е наведено дека за струја за работењето на „Кула Водно“ е предвидено преку целата година да се платат милион денари. За годишно осигурување на кулата ќе бидат потребни 3.075.000 денари,односно околу 50.000 евра. За ангажирање на обезбедување на објектот засега планирано е да се издвојат 1.500.000 денари (25.000 евра) во 2026.
Предвидено е од следната година „Кула Водно“ да се стави на располагање на мобилните оператори, ЈП Македонска радиодифузија и на војската и полицијата. Исто така ке има одреден простор и за туристичко угостителска намена. Како корисници тие ќе треба да плакаат за просторот (инфраструктурата) кој ке им биде ставен на располагање. Сепак во планот нема информација колкави би биле приходите. Основен податок е дека надоместокот за користење на радиофреквенции вкупно ќе се зголеми од 460 на 520 милиони денари.
За доградба на кулата следната година ќе бидат потребни уште 200.000 евра. На страната на расходите, личните примања на членовите на Комисијата на АЕК ќе се зголемат од 11 милиони денари во 2025 на 14 милиони во 2026, или за цели 50.000 евра. Кај бруто платите за вработените ќе има зголемување за дури милион евра. За оваа ставка ќе се потрошат 300 милиони денари.Објектот „Кула Водно“ е централно армиран бетонски столб на кој има четири конзолни платформи и челично решеткаст столб, а на врвот ќе има антена. На платформите ќе има канцелариски простор и ќе биде сместена целата опрема. Во кулата ќе биде сместена софистицирана опрема со помош на која АЕК ќе може да прави мониторинг на сите емитувања на радиофреквенции. Договорот за изградба со „Гранит“ беше потпишан на 18 милиони евра.
А.К.
