Анкетниот лист го потврдува „Лине ЛТД“, Рама пријавил и стан во Маврово, акции во „Ново Нордиск“ и „Мерцедес“ и имот од над 323 илјади евра
Анкетниот лист на директорот на НОМАГАС, Недим Рама, го потврдува најважниот дел од приказната што ја отвори ДУИ. Рама во ДКСК пријавил дека е основач сопственик во „Лине ЛТД“, фирмата што опозициската партија ја поврзува со рент-а-кар бизнис на скопскиот аеродром и со апартмани во Маврово.
Токму околу оваа фирма ДУИ побара проверка од институциите, прашувајќи од каде е капиталот, со кои средства се обезбедени возилата и дали зад бизнисот стои поширока политичко-бизнис мрежа. Анкетниот лист сега внесува конкретен документ во случајот, бидејќи во него Рама самиот ја пријавил поврзаноста со „Лине ЛТД“.
Во анкетниот лист има и странски акции. Рама пријавил акции во „Мерцедес-Бенц груп АГ“ во Германија, „Ново Нордиск“ и „СоФи Технолоџис“ во САД, со вкупна пријавена вредност од околу 31 илјада евра. Најголемата позиција е во „Мерцедес“, вредна 20.400 евра.
Дел од акциите се стекнати во април 2026 година, кога Рама веќе бил директор на НОМАГАС. Кај јавен функционер тоа отвора прашања за потеклото на средствата, навременото пријавување и можниот судир на интереси.
Рама пријавил и околу 27,4 илјади евра капитални добивки од продажба на удели во земјава, околу 5,6 илјади евра капитална добивка од продажба на акции во странство и околу 3,2 илјади евра приход од закуп и подзакуп во САД.
Во истиот анкетен лист Рама пријавил и стан во Маврово од 113 квадратни метри, вреден околу 117,5 илјади евра, во кој има удел од една половина. ДУИ претходно тврдеше дека со него се поврзани два апартмани во Маврово, еден лично, а еден преку фирмата. Личниот стан се гледа во анкетниот лист.
Вкупно, Рама и неговото семејство пријавиле недвижен имот од над 323 илјади евра. Најголема ставка е стан во Чаир од 205 квадратни метри, пријавен како имот на родители, со вредност од околу 152 илјади евра. Пријавен е и стан во Албанија од 55 квадратни метри, сопственост на брачен другар, вреден околу 35 илјади евра, како и земјиште во Радишани и пасишта во Матка и Лисец.
Филип Костов
