Анкетната комисија за прислушувањето, никако да почне со работа
Членовите на Анкетната комисија уште не фатени за работа заглавија во донесувањето на предлог-деловникот за работа, според кој треба да се истражува скандалот со прислушувањето.
Главниот судир на ставови настана меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Петре Шилегов од редовите на СДСМ.
Првата седница на Комисијата која се одржа денеска, главно мина меѓу расправии во кои членовите на владејачката партија му забележаа на Шилегов дека не ги консултирал при составување на деловникот.
За ВМРО ДПМНЕ најспорно е што претседателот Петре Шилегов предлага неговиот глас да биде одлучувачки, доколку некоја предлог-одлука добие подеднаков број гласови „за“ и „против“.
Шилегов, пак, тврдеше дека во дописот што им го испратил на членовите на 19 овој месец ги известил пратениците дека ги очекува нивните забелешки.
По еден ипол час препукување, претседателот на Комисијата Петре Шилегов реши да ја прекине седницата.
Седницата на анкетната комисија е одложена за во четврток во 13 часот.
