Анкетирани стопанственици: Глобите од инспекциите намалени за двојно, се зголемуваат опомените
Речиси двојно помалку од испитаните стопанственици во рамките на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ пријавиле дека во 2019 добиле двојно помалку глоби од страна на инспекторите во однос на четири години претходно.
Анкетата за бизнис-регулативата, која годинава опфати рекорден број од 596 компании, покажа дека 27,2 отсто од нив во текот на оваа година платиле некаква глоба изречена од инспекторските служби. Бројот на казнети фирми се намалува од година в година,но затоа пак се зголемува бројот на опомени пред казнување, чиј процент достигна 52,3 отсто. Она што загрижува е тоа што се зголемила перцепцијата на фирмите за коруптивните намери кај инспекторите од 5,72 на 9,03 отсто кај нив.
Оценката на бизнис-средината во Македонија е во рамки на платформата за јавно-приватниот дијалог која е дадена во делот на даноците, инспекциите, сивата економија, јавните набавки и друго. Опфатени се сите стопански сектори и региони со микро, мали, средни претпријатија и големи компании кои учествуваат со 3 отсто од испитаните.
Во поглед на учеството на стопанствениците во донесувањето на правната регулатива се забележува зголемување на нивното задоволство во поглед на нивната вклученост и 52,5 отсто од нив изјавиле дека учествувале во процесите.
Од преостанатото што може да се издвои како поинтересно е тоа дека незадоволството кај градежните инвеститори расте во поглед на градежништвото и градежните дозволи и оваа година 36,2 проценти од нив се декларирале како незадоволни.
Пораст на незадоволството, и тоа најмногу во последните четири години, има и во поглед на даночната политика. Дури 32 отсто кај сите испитани компании се изјасниле како незадоволни.
Раст на задоволството кога станува збор за борбата односно регулативата против сивата економија е најголем во последните четири години и 23 отсто од фирмите истакнале дека во овој сегмент се задоволни.
А.К.
