АНКЕТА ВО ГРЦИЈА: Дали граѓаните сакаат да се реши спорот?
Мнозинството Грци сакаат да се реши прашањето со името, покажува новото истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Алко“ за грчкото радио „24/7“.
Седум од 10 Грци, веруваат дека во последните децении Грција загубила од тоа како владите се справувале со прашањето за името.
63% од испитаниците како што јавува дописникот на МИА од Атина, се за постигнување заемно прифатливо решение, 21% сметаат дека работите треба да останат така како што се денес.
За тоа дали сметаат дека во последните децении од прашањето за името земјата доби или загуби, 17% од испитаниците сметаат дека Грција загуби, 9% дека доби, а 21% ја одбрале опцијата не знам/не одговарам.
На прашањето дали е подобро за нивната земја да се стреми кон заемно прифатливо решение во прашањето на Скопје (ПЈРМ) или подобро е да ги остави работите како што се денес, 63% одговориле дека се за заемно прифатливо решение, 21% сметаат дека треба да остане исто како што е денес, додека 16% рекле дека не знаат или не сакаат да одговорат.
Костас Панагопулос, претседателот на агенцијата „Алко“ што го спроведе истражувањето, говорејќи за радиото, коментира дека во анкетата не биле вклучени конкретни имиња, затоа што официјално не се соопштени. Тој вели дека веројатно резултатите би претрпеле промени кога во истражувањето ќе влезат конкретни предлози.
