АНКЕТА: Светот ќе биде подобро место за живеење ако политичарите се жени
Меѓународната анкета, спроведена од страна на ВИН / Галуп интернешeнeл, една од водечките асоцијации за истражување на пазарот и јавното мислење, покажа дека повеќе од една третина од испитаниците веруваат дека светот ќе биде подобро место за живеење ако политичарите се претежно жени.
Според истражувањето 34% од испитаниците изјавиле дека светот, во целина, ќе биде подобро место за живеење ако политичарите се претежно жени; 17% веруваат дека светот ќе биде полошо место за живеење; Дури 41% од испитаниците сметаат дека нема да има разлика.
Регионот на Северна Африка и Блискиот Исток (34%) е со највисока стапка на одговори дека светот ќе биде полошо место за живеење ако политичарите се претежно жени.
Во Колумбија, анкетираните имаат највисока стапка на одговори (62%) во категоријата дека светот би бил подобро место за живеење доколку има повеќе женски политичари.
На прашањето дали светот ќе биде подобро место за живеење ако политичарите се претежно жени, на глобално ниво, 41% сметаат дека нема да има разлика, 34% од нив сметаат дека светот навистина ќе биде подобро место за живеење, додека само 17% сметаат дека ќе биде полошо. “Нето скорот“(разлика помеѓу процентот на оние кои одговориле “подобро место“ и процентот на оние што одговориле “полошо место“) на глобално ниво изнесува 17%.
На регионално ниво, Северна и Јужна Америка забележаа највисок “нето скор“. “Нето скорот“ за Америка изнесува 33%, наспроти Западна Европа со “нето скор“ од 24%, Источна Европа со 15%, Азија со 14% и Африка со 11%. Регионот на Северна Африка и Блискиот Исток е единствениот регион кој укажува дека светот би бил полошо место за живеење доколку жените се одговорни за политичките прашања, односно се со негативен скор од -2%.
ПОЈАСНУВАЊЕ: Скорот се одредува кога процентот на позитивните одговори (оние кои одговориле “Подобро место за живеење“) ќе се одземат од процентот на негативните одговори (оние кои одговориле “Полошо место за живеење“).
“НЕТО СКОР“ = “Подобро место“ -“Полошо место“ Прашање: Општо земено, доколку повеќето од политичарите би биле жени, тогаш светот би бил подобро место за живеење, полошо место за живеење или исто?
Резултати во Македонија:
Податоците од истражувањето во Македонија покажуваат дека најголем процент (39%) од анкетираните сметаат дека светот би бил подобро место за живеење доколку жените би биле одговорни за политичките прашања, 35% одговориле дека не би имало разлика, а само 19% дека светот би бил полошо место за живеење, 6% немаат одговор на ова прашање. “Нето скорот“ за Македонија изнесува 20%.
Резултатите од глобалното истражување покажуваат дека родовата пристрасност е евидентна.
Со “нето скор“ од 25% анкетираните жени веруваат дека светот би бил подобро место за живеење доколку тие се одговорни за политичките прашања, за разлика од скорот на анкетираните мажи кој е само 10%.
За Македонија е интересно да се напомене дека родовата пристрасност е исто така присутна. “Нето скорот“ на мажите по ова прашање изнесува 0% (разликата помеѓу 27% позитивни и 27% негативни одговори), а пак “нето скорот“ кај жените во истражувањето во Македонија е дури 41% (разликата помеѓу 52% позитивни и 11% негативни одговори).
Истражувањето “Крајот на годината” е годишна традиција иницирана и дизајнирана под раководство на д-р Џорџ Галуп уште од 1977 година и се спроведува секоја година од тогаш. Оваа истражување е спроведено во 65 земји низ целиот свет, од истражувачки агенции членки на ВИН / Галуп Интернејшенел. Анкета е спроведена во текот на октомври 2013 - декември 2013 година. Во истражувањето се интервјуирани 66.806 лица на глобално ниво. Во секоја од овие 65 земји истражувањето е спроведено на национално репрезентативен примерок од околу 1000 испитаници. Мажи и жени се анкетирани со метод анкета лице в лице во 34 земји, телефонско анкетирање во 10 земји, и онлајн анкети во 21 земја.
Во Македонија истражувањето е спроведено со теренска анкета, лице в лице, во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок од 1214 испитаници на возраст 15+години, во период од 08 – 14 Ноември 2013.
Маргината на грешка со ниво на доверба од 95% изнесува ± 2.8%.
Слично
