Анѓушев ветува за 2019-та: Градежните машини нема да може да постигнат од работа
Кочо Анѓушев даде амбициозно ветување за следната година дека градежните машини во 2019-та нема да може да постигнат од прекумерната работа што ќе ја има градежната дејност во земјата.
Тој рече дека во 2019 година нема да има неангажирана градежна машина, ниту доволен број градежни машини да ги сработат сите проекти што ќе бидат отворени во емисијата „24 Ананиза“.
„Автопатот Кичево – Охрид ќе почне интензивно да се реализира, а во моментот се отворени проекти за експресни патишта во Република Македонија како никогаш досега. Се гради и експресниот пат Штип – Радовиш, Штип – Кочани, Куманово – Крива Паланка, Градско – Прилеп“, изјави вицепремиерот.
Според планот, како што истакна вицепремиерот, кога сите овие градби и плус дополнително локалните патишта и уште 86-те рехабилитации на постојните патишта ќе се земат предвид, нема да постои неангажирана градежна машина. Кон тоа се приклучува и втората делница помеѓу Бељаковце – Крива Паланка што моментно е тендерирана, а е проектирана на 147 милиони евра. Колку ќе чини ќе се знае откако ќе биде избран изведувач.
-Ако сакаме градежништвото да го вратиме на ниво за бројките да покажуваат како во периодот на Скопје 2014, но во физибилни проекти, ние во Републиката Македонија треба да имаме градежна реализација од 56 милиони евра месечно во инфраструктура, патишта, фабрики, приватна градба,… Само овие проекти ќе дадат реализација над 55 милиони евра месечно, а на тоа ќе се додаде и приватната градба. Тоа мене ми дава верба и аргументи дека следната 2019 година градежништвото ќе биде многу подобро, истакна вицепремиерот.
Воедно потенцира дека клучно во градежната експанзија на земјата е градежните проекти да бидат физибилни, а не фиктивни.
-Ако избираме меѓу тоа дали нешто по секоја цена треба да се прави, па тоа и да е прескапо платено, или да се прави нешто што е добро структурирано и домаќински изведено, јас секогаш ќе се определам за второто, заклучи Анѓушев.
