Анѓушев: Секој кој има земјиште ќе може да изгради фотоволтаик
Компании ама и физички лица ќе можат да изградат фотонапонски електрани и на приватно земјиште, на локации кои ги поседуваат или ги зеле под наем. Владата, објави денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев, идната недела ќе го oбјави јавниот повик и на него ќе можат да се јават сите заинтересирани за владини субвеници за оваа намена. Нема да има ограничување за големината на земјиштето, заинтересираните само ќе треба да ја докажат својата финансиска способност.
Инаку на овој јавен повик, планирано е да се изградат фотоволтаици со инсталирана моќност од 27 мегавати. На првиот оглас за фотонапонски електрани кои беа на државно земјиште вкупната инсталирана моќност беше 35 мегавати.
„Секој што располага со свое или може да земе земјиште под наем, може да изгради фотоволтаик. Критериумот во тендерот ќе биде кој ќе бара најмала субвенција од државата, односно најмал премиум над пазарната цена на електричната енергија. Критериумот ќе биде електронско негативно поддавање. Кога тоа ќе заврши, предвидена е 30-минутна електронска аукција на која секој ќе треба да поддава до цена која мисли дека му е исплатлива, вели Анѓушев.
Инвеститорите ќе можат да ја продадат струјата на оф-тејкери (снабдувачи). Но, тоа не е облигација, туку опција, заштита. Ако оној што вложил во фотолекетраната не успее на друго место да ја продаде струјата, ќе има гарантиран откуп кај снабдувачот. Секако, физичкото лице или компанијата што изградиле фотолектрана, ќе имаат право да ја продадат електричната енергија и на слободен пазар ако оценат дека така повеќе им одговара.
