Анѓушев на кинескиот амбасадор му нагласи: Инвестиции само преку тендери
Кочо Анѓушев и Жанг Зуо остварија заедничка средба на која вицепремиерот за економски прашања му нагласил на новоименуваниот кинески амбасадор во Скопје дека двете земји имаат воспоставена добра соработка и можности таа да се прошири, но и дека сите кинески инвестиции во иднина во земјата ќе мора да одат преку тендерски постапки, согласно позитивните закони на земјата.
Како што соопшти кабинетот на Анѓуше, тој истакнал дека досега сме имале соработка во реализација во инфраструктурни проекти и дека „соработката во идни инфраструктурни проекти мора да биде базирана на отворени и јавни тендерски постапки во согласност со законските прописи во земјата“.
Ваквата констатација на Анѓушев следува откако Институтот за безбедносни истражувања на ЕУ пред две години заклучи дека договорите за кинеските автопати од Кичево до Охрид и од Миладиновци до Штип вредни до 500 милиони евра се доделиле без тендер директно на кинескиот изведувач, спротивно од правилата на Европска унија. Во ваков случај, тендерските процедури не се отворени и транспарентни и се против ефикасното трошење на јавните пари и охрабруваат корупција.
Анѓушев на средбата со Зуо дополнил дека постои голем простор за подобрување на економската соработка особено за привлекување на кинески инвеститори во земјата.
– Ги поканувам кинеските инвеститори да ја посетат нашата земја и да се уверат во условите за инвестирање. Имаме креирано пакет на мерки, преточени во законско решение со кои се овозможува силна поддршка до 50 отсто од вредноста на инвестициите. Инвестирањето во Македонија сметам дека е особено атрактивно за кинеските компании, поради местоположбата на нашата земја, но и други поволности, како што се стекнување на европски стандарди и сертификати со кои им се отвора простор за соработка со земјите од Европската Унија, посочил Анѓушев.
Жанг потенцирал дека Македонија ќе ја претставува како поволна дестинација за кинеските компании и ќе иницира нивни посети во земјата, а двајцата соговорници се согласиле дека соработката помеѓу двете земји ќе се развива на принцип на пазарна конкурентност и на транспарентен начин.
