Анѓушев: „Гересхајмер“, „Баумер“ и „Дура“ ќе даваат поголеми плати од просечните
Кочо Анѓушев, вицепремиерот за економски прашања, на денешната прес-конференција за економските ефекти од Законот за финансика помош, меѓудругото, рече дека новите странски инвеститори кои доаѓаат во Македонија за време на владеењето на актуелната Влада на вработените ќе им даваат поголеми плати отколку просечните во Македонија.
„Гересхајмер“ неодамна го постави камен-темелникот на својата градба во слободните економски зони, а „Баумер“ започна со својата работа, додека со „Дура“ е потпишан договорот и инвестицијата е во тек.
- Тоа е единствениот начин младите да останат во земјата. Ние само така можеме да ги задржиме. Оваа Влада не е заинтересирана за странски инвеститори во трудоинтензивните дејности што даваат мали плати. Ние сме насочени на компании кои работат на високо технолошко ниво, рече Анѓушев.
Претходно, наведе дека од јануари до септември раст од 5,6 отсто бележи индустриското производство во однос на претходната година истиот период. За ова време е забележан.14 отсто раст на извоз и пад на 17,5 отсто на невработеноста.
Анѓушев рече дека со Законот за финансиска помош сега се опфатени 171 компании. Новите 120 компании вклучени во договорот, имаат петогодишен план за бруто-инвестиции од 230 милиони, а веќе инвестирале над 100 милиони по првата година.
„Фирмите се дисперзирани низ целата држава и придонесуваме за рамномерен регионален развој. Многу е важно дека ова го правиме без никакво државно задолжување . Помеѓу 48 и 50 проценти се движи јавниот долг како што си беше“, истакна вицепремиерот.
На средбата со новинарите беше кажано дека се работи за зголемена помош на 55 милиони евра за помагање на индустриските капацитети и извозот.
