Економија, финансии, бизнис

Контакт

Анѓушев : Немав никакво влијание на враќањето на рамниот данок

Анѓушев : Немав никакво влијание на враќањето на рамниот данок

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција наменета за Законот за финансиска помош пред новинарите рече дека како сопственик на компании немал интерес и не влијаел да се замрзне прогресивниот данок до 2023, односно до тогаш да се вратат рамните стапки.

- Немав никакво влијание на враќањето на рамниот данок. За тоа беше направена анализа дали се оправдани ефектите од прогресивниот данок. Истата ја видов на владината седница на која беше презентирана и беше одлучено да биде прифатена, рече Анѓушев.

Вицепремиерот рече дека доказ за тоа е што не бил прифатен неговиот став да не се одложува оданочувањето на каматите од депозитите во банките.

- За депозитите лично бев да не се одложува за да не ги чуваат луѓето во банките туку да ги инвестираат заштедите. Имаме доста ликвидност на банките, тоа можеше да се имплементира. Бев единствено за одложување на данокот за капитални добивки, бидејќи мислам дека берзата е се уште млада, рече Анѓушев.

Прогресивниот данок на личен доход беше замрзнат до 2023, односно беше стопиран откако беше воведен оваа година. Нема да започне оданочувањето на капиталните добивки и депозитите исто така до 2023.

Овие мерки беа дел од владината предизборна програма креирани од поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски, за кој се зборуваше дека тој и Анѓушев не биле во добри односи, односно имале сосема спротивставени гледишта пред да биде заменет од премиерот Зоран Заев со Нина Ангеловска.




Слично

Поврзани вести