Ангеловска-Бежоска: Добро е тоа што долгот на Македонија во долари е мал
Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, зборувајќи за трендот на јакнење на американскиот долар, кој започна кон крајот на минатата, а забрза годинава, открива дека учеството на оваа валута во македонскиот јавен долг е многу мал.
– Попогодени од овие трендови би биле оние економии, коишто се нето-должници во долари, односно имаат поголеми обврски отколку побарувања во долари. Тоа не е случај со македонската економија, бидејќи кај нас учеството на доларите во вкупниот надворешен долг на нашата економија е само околу 8% и тоа е главно кај јавниот сектор. Учеството на доларот во вкупната надворешна трговија, извозот и увозот, исто така е релативно помало, некаде околу 8-9 проценти, додека останатата трговија е во евра, каде постои долгогодишна стабилност кај соодносот денар-евро и оттука тоа не се одразува на тој дел од трговијата, рече гувернерката за време на учеството на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон.
Во однос на поизразените надолни ризици за глобалната економија и влијанието врз нашата економија, гувернерката вели дека особено ќе биде важно како со овие шокови ќе се справи Европската Унија, како наш најголем трговски партнер, а која е многу ранлива на енергетската криза.
Гувернерката повтори дека денарот со децении е стабилен во однос на еврото, валутата на нашиот најзначаен трговски партнер ЕУ.