Ангелов: Неопходна е изградба на доверба меѓу Македонија и Грција
На тркалезната маса насловена како „Надминување на ќорсокакот преку соработка: пристап за градење доверба меѓу Скопје и Атина“ организирана од страна на Грчката фондација за европска и надворешна политика ЕЛИАМЕП македонскиот амбасадор во Грција Дарко Ангелов порача дека унапредување на соработката ќе води кон надминување на ќорсокакот во билатералните односи, и ќе доведе до изградба на доверба меѓу Македонија и Грција, која е неопходна за решавање на разликите меѓу двете земји.
На овој настан учествуваа грчки и странски амбасадори, дипломати, експерти и странски и домашни новинари кои на Ангелов му поставија повеќе прашања.
Како што пренесе МИА, македонскиот амбасадор во своето излагање неколку пати повторил дека двете земји мора да соработуваат, а се осврнал и на разликите околу името, во чиј контекст повтори дека за решавање на ова прашање мора да му претходи соработка.
Ангелов на крајот заклучил дека ваквите настани се мал, но важен чекор за кој изрази уверување дека ќе биде само еден од многуте слични настани кои ќе следат во двете земји, со цел унапредување на меѓусебното разбирање.
