Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ангелов: Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејќи ги пожарите

Ангелов: Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејќи ги пожарите

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов, денеска апелираше поранешни кадри на полицијата, Армијата и Пожарна или пензионирани луѓе летово да се вклучат во гасењето на пожарите. Тие ќе добиваат месечен надоместок од 44.000 денари или за три месеци можат да заработат 2.150 евра.

„Нам ни се потребни возачи на специјалните противпожарни возила и тоа за 22 пинцгауери, за 5 хермелини и за 15 БТР-и пренаменети во противпожарни возила. Исто така, ни требаат оператори на противпожарните пумпи вградени на специјалните противпожарни возила и оператори со противпожарни водни ранци и метли. Дојдете, помогнете и заработете 2.150 евра за три месеци во текот на летото, гаснејќи ги пожарите на отворен простор кои претстојат пред нас“, рече Ангелов на денешната прес-конференција.

Тој кажа дека за овие позиции имаат кадри од постојните вработени во полиција и Армијата, но сака да најде возачи кои ќе бидат ангажирани од Дирекцијата и на тој начин МВР и Армијата ќе бидат растеретени од овие активности.

Ангелов рече дека работното време ќе биде прилагодено на потребите за справување со пожарите на отворен простор односно се оди на терен во деновите кога има зголемен обем на пожари и се останува додека има потреба и услови за дејство. Кандидатите треба да имаат најмалку петгодишно полициско, армиско или пожарникарско искуство, без разлика дали се во пензија или од други причини ги напуштиле или се отстранети од редовите на Полицијата, Армијата или Противпожарните единици. 

„Потребно е да се здрави и во добра психофизичка кондиција соодветна на возраста“, рече Ангелов.

Трите „ер трактори“ на Дирекцијата се сервисирани, два сè уште се во Загреб и не се пренесени во земјава поради невремето  кое деновиве ја зафати Хрватска. Ангелов кажа дека годинава Пожарните бригади имаат плус 100 пожарникари кои се вработени годинава. Двајцата пензионирани пилоти имаат договор за управување со „ер тракторите“ и оваа година, а примени се двајца нови пилоти.

фото Фејсбук/ДЗС

Слично

Поврзани вести