Аневски ги повика специјалните, да соработуваат со јавните обвинители
Првиот човек на Советот на јавни обвинители ги повика специјалните обвинители на соработка поради заедничко владеење на правото.
Аневски денеска го претстави Извештајот на Советот пред собраниската Комисија за политички систем. При тоа рече дека очекувања биле дека Советот на јавни обвинители и Специјалното јавно обвинителство ќе имаат одлична соработка по изборот на Јанева и оти законот целосно ќе се почитува.
-Не знам како ќе се вклопи Специјалното јавно обвинителство во иднина во јавнообвинителскиот систем бидејќи Уставот како највисок правен акт предвидува во член 106 дека Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела со закон. Во овој случај сега имаме на еден начин две јавни обвинителства, рече Аневски.
Аневски посочи дека во Македонија недостигаат 62 обвинители и оти поради тоа има неажурност на обвинителствата. За да се надмине оваа ситуација и да се постигне застапеност на сите етнички заедници, во септември ќе има нов оглас за прием на шеесетина кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители. На претходниот оглас се примени 37, од кои шестмина Албанци и еден Влав.
